HomeДЕНЕШНАПолитикаСметките на „Финзи“ не се замрзнати – СЈО се повикало на погрешен закон

Сметките на „Финзи“ не се замрзнати – СЈО се повикало на погрешен закон

Обвинителството се уште не ги замрзна сметките на „Финзи“. Специјалното јавно обвинителство во барањето до Кривичниот суд за замрзнување на сметките на фирмата „Финзи“, опфатена во случајот „Трезор“, не ги навело сметките и банките на фирмата и се повикало на погрешен член од Законот за кривична постапка (ЗКП), информира Основниот суд Скопје 1. Судијата на претходна постапка, поради тоа, сè уште не одлучил по барањето за замрзнување на сметките, а предлогот на СЈО го вратил на комплетирање.

Судијата, како што се вели во известувањето, го добил барањето на СЈО на 29 септември и истиот ден откако увидел дека предлогот е некомплетен, од Специјалното обвинителство побарал да го доуреди и да ги наведе банките и трансакциските сметки на правното лице „бидејќи обвинителот во барањето изоставил да ги наведе, а барањето е општо и неопределено за кои сметки и за кои банки се однесува“.

„Воедно и од причини што барањето на СЈО гласи да се изрече забрана за користење и за располагање со трансакциски сметки по член 202, став 1 и 2 од ЗКП, како што предложиле од СЈО, во суштина кога ќе се види законот, ваква одредба не постои и од овие причини судијата побарал СЈО да се произнесе дали можеби бара привремено одземање на имот или предмети, бидејќи запирање на извршување на финансиски трансакции е определено со членот 200, став 7 од ЗКП“, стои во соопштението од судот.

На 3 октомври судот добил одговор во кој, како што стои во соопштението, од СЈО овојпат се повикале на членот 200, став 7 од ЗКП, но навеле дека не се во можност да достават уреден предлог бидејќи сè уште немале добиено податоци од банката во која се обратиле. Од СЈО, според судот, навеле дека кога ќе ги добијат бараните податоци, ќе поднесат уреден предлог по точниот член од ЗКП што им го предочил судијата.

Кривичниот суд обвинува дека квазиексперти и „професионалци“ го претвориле правосудниот систем во шоу-парада, а судот го обвинуваат за двојни аршини.

„По јавните прозивки на квазиексперти и на „професионалци“ во нивното „професионално работење“ и гостување по најразлични телевизиски шоуа, го претворија правосудниот систем во шоу-парада, а истите Основниот суд Скопје 1 со своето „длабоко незнаење“ го претставуваат дека има двојни аршини. За двојните аршини на СЈО и за квазиекспертите сама нека процени јавноста зошто судот ваквиот предлог и сите предлози доставени од нивна страна дури по трипати ги враќа на нивна корекција за да може да одлучи“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com