Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСлучајот „Сопот“ денеска во Кривичниот суд

Случајот „Сопот“ денеска во Кривичниот суд

Во Кривичниот суд за денеска е закажано првото рочиште за случајот „Сопот“, откако тимот на СЈО во јули го презеде случајот. Во предметот 10 лица се осудени за кривично дело „Тероризам“, пишува Макфакс.

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференција во мај изјави дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами, на кој доказ се изведени сите пресуди во случајот е изнуден исказ. Фетаи тогаш рече дека МВР и службени лица извршиле кривично дело тортура врз сведокот. Вештачењето на СЈО покажало дека кај сведокот се утврдени последици по психичкото здравје, но бидејќи не оставиле трајни последици, таквите дејствија се застарени за да бидат гонети, па кривичното дело застарело во 2008 година.

Сепак, и покрај застареноста на гонење, доказите и фактите имаат директни импликации врз постапката која се води пред кривичниот суд, рече тогаш Фетаи. Обвинителката посочи дека за овој случај отвориле и предистражна постапка, но не обелодени детали.

Во еден од прислушуваните разговори, кои ги објави СДСМ, има разговор меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков, за случајот „Сопот“. Според снимката, Јанкулоска му сугерира на Мијалков дека за случајот треба да биде консултиран и тогашниот премиер Никола Груевски, за да се види како да се продолжи со овој чувствителен случај, при што и двајцата признаваат дека претходната пресуда со која беа осудени обвинетите, се потпира на „тенки докази“.

Десет жители на кумановското село Сопот, се осудени дека во 2003 година поставиле мина која експлодирала, при што загинаа двајца НАТО војници од полскиот контингент и еден македонски цивил. Инаку, судијата Горан Бошевски, од Одделението за организиран криминал кај кого се обвиненијата за случаите „Трезор “ и „ Тенк“, од минатата година е назначен за нов судија во случајот „Сопот“.