Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСловенец пронашол бомба и си ја однел дома

Словенец пронашол бомба и си ја однел дома

Евакуирани ќе бидат сите, речиси 400 жители на селото Вурберк во североисточниот дел на Словенија, откако нивни сосед нашол неексплодирана авионска бомба и со камион ја донел дома. Селаните ќе бидат евакуирани утре, а ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови откако деминерите ќе ја онеспособат бомбата.

Селанецот ја нашол бомбата играјќи „Потрага по богатство“ во близина на замокот Вурберк и наместо да ја извести полицијата, ја откопал и со камион ја донел во својот двор, кој е блиску до селската црква, а дури потоа се јавил в полиција.

– Со оглед на видот на бомбата, тој имал многу среќа. Сè можело да заврши многу лошо. Со оглед на тоа дека бомбата била отстранета од местото на кое паднала за време на бомбардирањето и доколку не се ракувало со неа како што треба, новонастанатите промени би можеле да предизвикаат неконтролирана експлозија – изјавил за новинарите Игор Бох од одделението за неексплодирани средства.

Операцијата за деактивирање на бомбата ќе биде многу комплицирана и ќе се изведе во вторник, кога ќе биде евакуирана целата област во радиус од еден километар, односно, ќе се евакуираат 400 жители.

Човекот кој ја открил бомбата би можел да биде обвинет за нарушување на јавниот ред и мир и осуден на казна до пет години затвор.