Thursday, Apr 19, 2018
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСкопски пазар во тешка состојба, а директорите поделиле 200.000 евра за една година

Скопски пазар во тешка состојба, а директорите поделиле 200.000 евра за една година

20180118080012

Речиси 200.000 евра си поделиле директорите на Скопски пазар во 2016 година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за работата на компанијата усвоен на минатогодишното Собрание на акционери.

Скопски пазар во изминатите месеци стана актуелен откако во јавноста се појавија информации за тешката состојба во фирмата, чие раководство ги продава атрактивните недвижнини за да ги плати милионските долгови.

Вработените во СП, кои повеќепати алармираа за состојбите во некогашниот трговски гигант, немаат земено плата во новата година, а последно им била исплатена за декември лани.

Според ланскиот годишен извештај, првиот човек на фирмата, претседателот на управниот одбор Сашо Давитковски, за 2016 имал бруто плата и примања од надоместок за членство во управниот одбор од 3.595.463 денари (речиси 60.000 евра).

Неговиот брат Тошо Давитковски, кој е член на Управниот одбор на СП, од компанијата во 2016 година добил 2.513.786 денари, односно нешто повеќе од 40.000 евра. Другите тројца членови на Управниот одбор имале примања од вкупно 1.8 милиони денари, или 29.000 евра.

Претседателот на Надзорниот одбор, воедно и директор на Секторот за заеднички услуги во компанијата, Предраг Милосављевиќ, во 2016 добил бруто износ од 2.151.534 денари (35.000 евра), додека Звонко Стојчев, член на Надзорниот одбор и директор на Секторот за пазари и недвижности, добил нешто помал износ – околу 33.000 евра.

Како што веќе беше објавено во медиумите, Скопски пазар од почетокот на годинава го напушти трговскиот бизнис во кој со децении беше препознатлив бренд. Раководството на Скопски пазар, соочено со милионски долгови кон банките и добавувачите, продаде низа атрактивни недвижнини, а некогашните СП-маркети им ги издаде на двајца довчерашни конкуренти: компаниите Зур и Кит-го.

Лани, компанијата Современ дом влезе со значителна инвестиција во Скопски пазар и најави преземање и санирање на состојбите во некогаш успешната фирма. Современ дом во моментов е најголемиот поединечен акционер во Скопски пазар, со 17.590 акции. Членовите на семејството Давитковски, Тодорка, Сашо и Тошо поседуваат  17.534 акции. Меѓу останатите покрупни акционери се и компаниите Динамик системи (со 2.753 акции) и Солопром (со 1.262).