Thursday, Dec 14, 2017
HomeДЕНЕШНАСкопјеСкопската зоолошка доби нов член – албино кенгурче

Скопската зоолошка доби нов член – албино кенгурче

Албино-кенгурче е нов жител на Зоолошката градина во Скопје. Комплетно бело крзно го покрива неговото тело, бели шепи, бели мустаќи, бели трепки и црвени очи. Новиот жител, и покрај својата различност, одлично се вклопува со преостанатите членови на семејството. Не бара посебна нега ниту посебна исхрана и се однесува исто како сите други кенгури, пишува Нова Македонија.

– Во декември 2014 година беа забележени две млади кенгурчиња како ѕиркаат од торбите на мајките-кенгури, што значи дека се родени пред осум-девет месеци, а првпат излегоа од торбата на мајката по деветтиот месец. Едното од нив е албино и ова е прв таков случај во скопската зоолошка. Сепак, појавата не е ретка за овој вид животно – вели биологот на Зоолошката градина Јорданчо Милошевски.

Појавата на албино-животни, како и кај луѓето, се должи на недостигот на пигментот меланин, кој ѝ дава темна боја на кожата. Иако се жилави и силни кога се возрасни, кенгурите се нецелосно развиени и слаби кога ќе се родат. Тие се малку поголеми од розовиот црв, долги се околу 2,5 сантиметри и тешки едвај неколку грама. Се раѓаат без крзно, слепи и глуви. Во торбата се прицврстени за една од четирите брадавици преку кои се хранат. Во Зоолошката градина во Скопје кенгурите живеат веќе шест години и успешно се размножуваат. Моментално има осум единки.
kengur– Кенгурчето е веќе излезено од торбата на мајката и е заедно со другите кенгури во делот на австралиските животни. Тие го делат живеалиштето заедно со ему-птиците и со црните лебеди, кои исто така доаѓаат од австралискиот континент. Сите жители на ова живеалиште го прифаќаат албино-кенгурчето најнормално, како едно од нив. Тоа и во иднина ќе продолжи да живее тука – додава Милошевски.

Името го добиле по црвеникавата боја на крзното околу вратот и рамениците. Во Тасманија подвидот е познат под името Бентов валаби. Овие животни, кои се подвид од семејството кенгури, живеат сами или во мали групи. Активни се ноќе, додека дење се одмораат во густата вегетација. Мајката го носи малечкото околу еден месец и раѓа едно младо што престојува во торбата додека целосно не се развие. При топло време телесната температура ја намалуваат лижејќи ги шепите и подлактиците. Се храни со растенија, лисја, плодови. Живеат во шуми во Јужна Австралија, Тасманија.

За кенгурот е карактеристична торбата на стомакот од женката. Во овој мек џеб се наоѓа бебето, кое на тој начин се припива до својата мајка, цица и патува. Мошне распространет е големиот црвен кенгур (Macropus rufus), кој живее во суви, топли предели и за заштита од горештината, во потрага по вода, може да ископа и дупки длабоки и до еден метар. Се движи на долгите задни нозе, со скокови што можат да надминат 10 метри. При скоковите, долгата опашка му помага при рамнотежата. Опашката му служи и кога застанува да се одмори, а со неа удира по земјата за да ги предупреди другите кенгури на некоја опасност. Предните нозе му се кратки и на нив има остри канџи што ги користи за собирање храна, за четкање на крзното и за одбрана.

Фото:Нова Македонија/Г.Анастасовски