Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеСкопјани вториот дел од жичницата „Милениумски Крст“ ќе го добијат до крај на 2017-та година

Скопјани вториот дел од жичницата „Милениумски Крст“ ќе го добијат до крај на 2017-та година

„Паре нису проблем, паре нема“, оваа поговорка со потекло од нам блиското соседство се чини дека важи само таму. Кај нас парите не се проблем, но не поради тоа што ги нема, туку поради тоа што тие ќе се трошат за изградба на втората фаза од жичарницата на Водно.

Премиерот Груевски најави дека градежните зафати би требало да почнат до средината на идната година.

„До средината на идната година треба да почне изградбата на втората фаза од жичарницата на Водно, на потегот од Средно Водно до Детската болница „Козле“. Инвестицијата ќе изнесува осум милиони евра“, најави премиерот Никола Груевски при посетата на Нерези.

Тој информираше дека веќе следниот месец ќе биде објавен повик за изведувач на работите, кој се очекува да биде избран во Февруари следната година. Вториот дел од жичарницата, засега, се планира да биде долг околу 1.600 метри.

„Некаде од средината на 2016 година па до средината на 2017, најдоцна до крајот на 2017, планираме да се изгради уште толку колку што е изградено досега, дури и малку повеќе должина на жичарницата од Водно, овој пат до Детската болница ’Козле‘ “, посочи премиерот.

Реализацијата на овој проект, според него, ќе значи исполнување на неколкугодишните дадени ветувања за довршување на трасата на жичарницата.

Во насока на теренска реализација на најавеното, неодамна градските советници донесоа одлука за изработка на соодветен проект.

„Првата фаза од жичарницата од Средно Водно до „Милениумскиот крст“ се покажа како доста успешен проект. Со цел да се заокружи овој проект, потребно е да се реализира и втората фаза со која преку жичарница ќе се поврзат градот Скопје и врвот на Водно. За изработка на проектот, Градот Скопје нема да има никакви финансиски импликации“, појаснија од Град Скопје.

Инаку, жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше пуштена во употреба пред речиси четири години. Таа „тежи“ 28 обични гондоли за осум лица и две ВИП- гондоли.

Билетот, сеуште, чини 100 денари, а пензионерите во одредени денови можат да се возат бесплатно. Засега, нема најави за зголемување на цените.


Н.С