Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСкандалот со писмата ги потресе американските демократи, падна првата оставка

Скандалот со писмата ги потресе американските демократи, падна првата оставка

Претседателката на Националниот комитет на Демократската партија (DNC), Деби Васерман-Шулц објави специјална изјава во која ја објави својата намера да ја напушти функцијата по партиската конвенција на којашто следната седмици во Филаделфија ќе биде официјализирана кандидатурата на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон за американските претседателски избори на 8-ми ноември.

Во петокот порталот WikiLeaks објави 19 електронски пораки на DNC, во коишто и покрај правилото членовите на овој комитет да бидат неутрални, се барала поддршка за Клинтон и начини како да се дискредитира нејзиниот противкандидат за партиската номинација, сенаторот Берни Сандерс.

Васерман-Шулц, којашто, исто така, е член на Претставничкиот дом, изјави дека нејзин прв приоритет ќе биде да работи за доброто на жителите на 23-от округ на сојузната држава Флорида, и оти има намера за време на претседателските избори активно да ја поддржи поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Таа истакнува и дека има намера да ја „отвори и затвори конвенцијата“, како и да настапи пред делегатите. Претходно имаше извештаи дека Шулц можеби воопшто нема да се појави на конвенцијата и нема да одржи говор. Платформата на партијата таа ја нарекува „најдобро осмислената и прогресивна“ од сите претходно усвоени.

Како што истакнува телевизиската мрежа CNN, конгресменката Деби Васерман-Шулц е подложена на жестоки критики по објавувањето на пробиените пораки до членовите на Демократската партија, во коишто спротивно на правилата, не била неутрална во однос на сите партиски кандидати за партиската номинација, и изразувала поддршка за Хилари Клинтон на претседателските партиски предизбори на штета на нејзиниот противкандидат сенаторот Берни Сандерс кој едноставно беше принуден да се повлече пред крајот на дуелот.

Во писмената изјава на којашто се повикува телевизијата NBC, Васерман-Шулц ветува дека ќе ги исполнува своите должности до крајот на демократската конвенција во Филаделфија. Клинтон, инаку, претходно го освои неопходниот број делегати кој ѝ гарантира сигурна партиска номинација за претседателски кандидат.

Самата Хилари Клинтон по оваа изјава ѝ се заблагодари на сопартијката Васерман-Шулц за нејзиниот ангажман велејќи дека „таа ќе остане нејзина пријателка“, според цитатот на CNN.

Со слична изјава се огласи и актуелниот демократски претседател Барак Обама кој високо ја оценува работата на Васерман-Шулц и изрази надеж за натамошна соработка со неа во партијата, иако на друго ниво. Во соопштението на Белата куќа, исто така, се посочува дека Обама лично ѝ се јавил на Васерман-Шулц, за да ѝ ја изрази својата благодарност и изразувајќи надеж дека таа „ќе продолжи да служи на земјата како член на Конгресот на Флорида“.

Шулц се најде во центарот на скандалот откако ресурсот WikiLeaks ги објави нејзините електронски пораки до членовите на комитетот со кој раководи. Од претставниците на ова партиско тело, наместо да останат неутрални, активно барала да начини да ја поддржат Клинтон, и да го дискредитираат Сандерс. Било планирано, меѓу другото, во медиумите да бидат распространети тези за „хаосот“ во кампањата на сенаторот, како и да се доведуваат под сомневање неговата религиозна припадност.