Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО: Специјален полициски оддел би ја зголемил ефикасноста и би ги забрзал постапките

СЈО: Специјален полициски оддел би ја зголемил ефикасноста и би ги забрзал постапките

Од специјалното обввинителство ниту потврдуваат ниту демантираат дека на средбата со високиот американски дипломат Викторија Нуланд, обвинителката Катица Јанева побарала поддршка од неа за формирање на специјален ваков оддел во МВР, со кој тие би биле во директна комуникација. Од СЈО за Алсат-М сепак потврдуваат дека проширувањето на тимот со ваков полициски оддел само би ја зголемил нивната ефикасност и би ја забрзал работата на предметите кои се уште се во предистражна постапка или во фаза на истрага.

„Дел од постапките налагаат работа и во други градови каде се водат предистражни постапки. Секој регион има посебен сектор за внатрешни работи. Доколку би имало едно специјално полициско одделение со кое би биле директно координирани, тоа би било многу целисходно“, рекле од СЈО.

Формирањето на вакво одделение, уште вчера министерот за внатрешни, Митко Чавков го оцени како нелогичен потег. Тој се противи во рамки на министерството со кое раководи да се формира специјално полициско одделение кое би работело по наредба на обвинителката Катица Јанева.

„Според законот за кривична постапка, било кој обвинител, дали е од основоното дали е од специјалното обвинителство, согласно законот можат да ангажираат секого за кого сметаат дека треба да биде ангажиран и онолку лица колку што мислат дека треба да бидат ангажирани. Не ја гледам логиката зошто би имало потреба за специјално полициско одделение, нелогично е тоа“, рече Митко Чавков, министер за внатрешни работи.

Од СЈО брифираат дека нееднаквото постапување на Кривичниот суд по нивните предмети ја подгреало атмосферата во јавноста за формирање специјално судско одделение во рамки на Скопска единица. Во јавноста по посетата на високиот американски дипломат Викторија Нуланд излезе информација дека таа поддржала формирање на специјално одделение во судот, кое би работело на предметите отворени од СЈО.