Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО побара да ја разрешат, а таа им го одби барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

СЈО побара да ја разрешат, а таа им го одби барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Една од судијките, која ја донела одлуката да не се замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ е Елена Илиевска Јосифовиќ, за која СЈО кон крајот на март поднесе барање за разрешување до Советот за утврдување на факти, дознава Макфакс. Освен неа, против одлуката за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ бил и екс-претседателот на судот, Владимир Панчевски.

И двајцата не се согласиле за барањето на СЈО да се стопира отуѓувањто на имотот на една од најбогатите партии во Европа. Според анализата на СКУП, вредноста на проценетиот имот на партијата предводена од Никола Груевски е над 60 милиони евра, која како што се тврди, е многу побогата и од сестриската партија ЦДУ на Ангела Меркел, со над 93 имотни листови и вкупна површина од 330 илјади квадратни метри.

Специјалното јавно обвинителство до Кривичниот суд доставило вкупно 12 барања за замрзнување имот на 40 објекти на партијата, меѓу кои и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како и докази и финансиски анализи. Откако Јосифовиќ и Панчевски експресно одлучија да не донесат одлука за замрзнување на имотот, СЈО вложи жалба, а конечните одлуки ги донеле два кривични совета.

СЈО до Советот за утврдување на факти поднесе барање за нестручно и несовесно постапување на четири судијки, меѓу кои и за Јосифовиќ. Според образложението на Катица Јанева, одлуката на судијката Јосифовиќ за мерка за обезбедување присуство во случајот „Трезор“ е нејасна и противречна, бидејќи констатирала дека не постојат реални околности кои упатуваат на опасност од бегство, без да определи причина на која го темели заклучокот. „Освен тоа, судијката во одлуката ги посочува наведените околности кои се доведуваат во врска со личноста на осомничениот, како лице кое не е осудувано, иако ѝ било посочено дека осомничениот е повикан и во друг предмет“, напиша обвинителката Катица Јанева во претставката до Советот.