Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО: Јанакиески ја опструира правдата лиферувајќи записници од СЈО

СЈО: Јанакиески ја опструира правдата лиферувајќи записници од СЈО

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески на денешната јавна седница на Апелацискиот суд, рече дека не се чувствува виновен и дека нема намера да бега, ниту да ја опструира судската постапкa, пренесе порталот „Сведок“.

-Сакам да го потсетам судот дека пред година ипол СЈО бараше притвор за мене, тогаш судот не определи никаква мерка и еве, сега сум тука, што значи немам намера да бегам. Исто така не е точно дека ја опструирам работата на Обвинителството, ниту пак планирам да ја опструирам работата на судот. Нека даде СЈО еден доказ дека не сум се појавил по уредно доставена покана. Напротив тие ја опструираа одбраната со тоа што не ни дадоа навремен увид во доказите , рече Јанакиески.

Тој како и неговите сопартијци кои пред него сведочеа пред апелациските судии рече дека сака час поскоро да започне постапката за да докажат дека се невини. Јанакиески, како и сите пред него, вети дека нема да бега.

Обвинителите на СЈО рекоа дека Јанакиески не се јавувал на покани и имал обиди за влијание на сведоци, а се очекува и да ја одолговлекува судската постапка. Исто така од СЈО го напоменаа и лиферуваниот записник за кој се претпоставува дека е излезен од кај Јанакиески.

Одбраната пак рече дека СЈО нема аргументи да бара притвор и дека тоа што не се појавил на неколку повици на СЈО не значи дека Јанакиески ќе избега.

На бившиот министер за транспорт на товар му се ставаат четири кривични дела.

На сите обвинети во оваа фаза на постапката адвокати им се Боро Тасевски, Димитар Дангов, Сања Алексиќ и Петар Василев, кои ги употребуваа истите аргументи, а одеднаш од сите предмети „исчезна“ Никола Додевски кој ги застапуваше во фаза на истрага.

Во меѓувреме, раководството на ВМРО ДПМНЕ ангажирало и други адвокати кои веќе поднеле приговори на обвиненијата, таму каде што е извршена достава.