Wednesday, Feb 26, 2020
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО исчезна од изјавите на партиите и на меѓународната заедница

СЈО исчезна од изјавите на партиите и на меѓународната заедница

sjo tri

Во еуфоријата што завладеа во земјава по формирањето на новото парламентарно мнозинство, изборот на нов спикер на Собранието и по вчерашното доделување на мандатот за формирање нова влада, од наративот на партиите од мнозинството целосно исчезна Специјалното јавно обвинителство и продолжувањето на неговиот мандат за подигнување обвиненија, пишува „Мета“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат уште околу еден месец (значи до 4 јуни, односно до 30 јуни) за отворање истраги и за поднесување обвиненија за случаите што се поврзани и кои произлегуваат од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконското следење на комуникациите. Според актуелниот Закон, СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Имено, СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на двапати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година.

Од СЈО, на почетокот на овој месец, за „Мета“ изјавија дека досега повеќепати јавно апелирале за „потребата од промена на рокот за поднесување обвиненија“ и дека очекуваат од „сите субјекти да ја увидат таа неопходност и да искажат конкретна поддршка“.

Сепак, во соопштенијата на СДСМ, но и во изјавите на лидерот на партијата, Зоран Заев, периодов воопшто не се споменува иницијативата за продолжување на мандатот на СЈО, туку доминираат најавите за целосен реизбор на судии и за реформи во судството.

Работата на СЈО и пораките за негова поддршка ја нема ниту во реакциите, честитките и во пораките од претставниците на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави, по последните случувања во Македонија. Тие повикуваат на брзо формирање нова влада, на спроведување на реформските приоритети и на враќање на земјава на патот кон евро-атлантските интеграции – но СЈО не го споменуваат.

Инаку, според експертите, постојат три можности за продолжување на мандатот на СЈО, но сите се помалку или повеќе тешко остварливи.

Собранието да го продолжи мандатот на СЈО: За ова потребно е двотретинско мнозиство, што значи дека треба да гласаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, партија чие раководство е категорично против продолжувањето и воопшто против работата на СЈО.

Уставниот суд да го укине членот 22 од Законо за СЈО, каде е пропишан рокот за поднесување обвиненија: Уставниот суд може да се повика на тоа што со овој рок СЈО е ставено во нерамноправна положба во однос на другите обвинителства, чии рокови за спроведување истраги и за поднесување обвиненија се регулирани со Законот за кривична постапка.

Распишување на референдум на кој граѓаните непосредно би гласале дали се за продолжување на мандатот на СЈО: Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), СЈО во март годинава имало поддршка од 53 отсто, што е за 2 отсто повеќе во споредба со ноември минатата година, но 10 отсто помалку во однос на април 2016 година, кога поддршката изнесувала 63 отсто. Сепак, опцијата за референдум за продолжување на мандатот, со оглед на краткиот период, е веќе задоцнета варијанта бидејќи според Законот за реферндумите и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, „од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во „Службен весник на Република Македонија“ до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена“.