Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО: Грујовски не е болен, виден е во МВР и УБК

СЈО: Грујовски не е болен, виден е во МВР и УБК

Рочиштето за судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ повторно се одложи, бидејќи во судницата не се појавија првообвинетиот Горан Грујовски, поранешен началник на петтата управа на УБК, и неговиот адвокат, Никола Додевски. Судијката Лидија Петровска го закажа следното рочиште за 23 мај, во 10 часот.

Бранителите на другите обвинети до судот доставија медицинска документација, според која, како што рекоа, Грујовски е на боледување поради „сериозно влошена здравствена состојба“.

На ова реагираа обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов, кои истакнаа дека ќе извршат дополнителни проверки за да утврдат дали Грујовски навистина не може да доаѓа на рочиштата.

Обвинителот на СЈО, Пеливанов, наведе дека имале и претходни искуства кога Грујовски и други обвинети и осомничени во случаите што ги води СЈО, не доаѓале на распити во СЈО и на закажаните рочишта и дека токму во тие периоди тие биле на боледување.

Обвинителот посочи дека имаат сознанија дека Грујовски, откако му било издадено боледувањето на 24 април, бил забележан во кругот на МВР и во просториите на УБК. Поради тоа, додаде Пеливанов, ќе бараат увид во видеоматеријалите од безбедносните камери во МВР и податоци од картицата со која Грујовски се регистрира во Управата за безбедност и контраразузнавање.
– Доколку се потврдат овие сознанија, ќе предложиме до судот да издаде наредба за негово приведување – рече Пеливанов.

Тој додаде дека СЈО ќе бара и од лекарот специјалист што ја издал медицинската документација и боледувањето да даде дополнителни објаснувања за здравствената состојба на Грујовски.

Адвокатите Боро Тасевски и Петар Василевски рекоа дека е несоодветно обвинител, по професија правник, да коментира медицинска документација.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, по завршувањето на рочиштето, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека министерот за внатрешни работи декласифицирал дел од доказите предложени од СЈО и дека недекласифицирани останале само деловодните книги каде што се заведени овие докази.

Сепак, додаде Пеливанов, тоа не би требало да биде пречка за прифаќање на доказите од судот и за нивно користење во судскиот процес.