Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО ги смета за неосновани жалбите на одбраната на „Шпион“ – бара намалување на казните

СЈО ги смета за неосновани жалбите на одбраната на „Шпион“ – бара намалување на казните

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната јавна седница во Апелацискиот суд ги одби како неосновани најголем дел од жалбите поднесени од 18 обвинети и нивните адвокати на пресудата на Кривичниот суд.

Обвинителката на СЈО, Елизабета Јосифовска, која го застапува предметот и го образложи ставот на Специјалното јавно обвинителство, рече дека ги прифаќаат жалбите на одбраната во врска со висината на казните на обвинетите за оружјето пронајдено кај Горан Стојков и Цветан Дамјански и во делот од пресудата против Марјан Ефремов за кривичното дело прикривање.

СЈО му предложи на Апелацискиот суд да ги замени затворските казни на Марјан Маџоски, Живко Петковски и на Георги Хаџи-Мицев со условни казни, а за другите обвинети, меѓу кои и првообвинетиот Марјан Ефремов, казните да бидат намалени или ублажени.

„Судот смета дека се основани жалбите што се однесуваат за висината на кривичната санкција и судот има обврска да води сметка за вкупното дејство на казната. СЈО смета дека тие се превисоки и престрого определени. Му предлагаме на судот да ја намали висината на казните бидејќи целта на генералната и на специјалната превенција ќе бидат постигнати и со помали казни“, рече обвинителката на СЈО, Јосифовска.

Во врска со прифаќањето на жалбата за оружјето пронајдено кај обвинетите Горан Стојков и Цветан Дамјански, СЈО побара од судот да биде извршено дополнително вештачење за да се утврди видот на оружјето и на муницијата и документацијата за задолжување и за раздолжување на оружјето.

За делото прикривање, за кое е осуден првообвинетиот Марјан Ефремов, СЈО бара да се прибават дополнителни докази за да се утврди дали предметите поврзани со ова дело се набавени од кривично дело.

Сите обвинети и нивните адвокати на јавната седница посочија дека обвинението и пресудата донесена врз основа на него, се противречни сами на себе и дека станува збор за случај кој е политичко-судска конструкција.

МЕТА