Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО: Фактот што лицата кои се под истрага работат во медиуми не ги иззема од кривична одговорност

СЈО: Фактот што лицата кои се под истрага работат во медиуми не ги иззема од кривична одговорност

Целосно ги демантираме наводите на повеќе медиуми дека ова Јавно обвинителство со својата работа прави притисок на медиумите и влијае на слободата на информирање, информираат денеска од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

„Појаснуваме дека пред ова Јавно обвинителство се водат истражни постапки за повеќе предмети во кои се опфатени лица кои се поврзани со дел од медиумите. Предмет на ваквите истражни постапки е испитување дали овие лица сториле кривични дела во рамки на нивното работење како сопственици и управители во други правни лица, а не во медиумите со кои се поврзани“, велат од СЈО.

Оттаму истакнуваат дека фактот што се работи за лица кои се поврзани со дел од медиумите не ги иззема овие лица од кривична одговорност, бидејќи сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите.

„Уште еднаш јасно повторуваме дека пред ова Јавно обвинителство не се отворени и не се водат истражни постапки против ниту еден медиум. Воедно укажуваме дека ова Јавно обвинителство силно го поддржува начелото на транспарентност и слободата на информирање на граѓаните за сите прашања кои се од нивен интерес. Согласно законските одредби бараме овој демант да биде јавно објавен во целост, во ист обем и на
ист начин како што е објавувана и информацијата што се демантира“, велат од СЈО.