Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСите телевизии во ист кош – Петрушевски и новинарите со меѓусебни обвинувања за политичка мотивираност

Сите телевизии во ист кош – Петрушевски и новинарите со меѓусебни обвинувања за политичка мотивираност

Пред денешниот јавен состанок на Агенцијата за аудиовизулени медиумски услуги, претседателот на Советот Лазо Петрушевски застана пред новинарите во обид да го одбрани ставот на Советот. Тој истакна дека револтот на телевизиите кои сметаат дека им е нарушен угледот е неоправдан, но не успеа да им даде доволно аргументи на новинарите според кои критериуми оцениле дека се политички пристрасни.

Петрушевски истакна дека Советот не ги отфрлил заклучоците на стручната служба според кои дел од телевизиите емитувале содржина со говор на омраза, туку само додале став на документот. Имено, Петрушевски прво рече дека тоа нее официјалниот документ кој ќе се најде пред пратениците, а потоа се демнатираше и призна дека ставот на Советот ќе заврши во склоп на првичниот извештај.

Претседателот на Советот рече дека и едно прекршување на начелата на балансираност и пристрасност, е прекршување, но не одговори според кој критериум, посочените телевизии треба да се најдат во ист кош со оние кои со денови и месеци емитувале говор на омраза. Пертушевски рече дека и во текот на изборите, медиумското претставување е оценето како неизбалансирано кај сите телевизии. На прашањето како да се постигне балансираност во услови кога одредени партии бојкотираат одредени медиуми, Петрушевски рече дека тие апелирале до партиите да не се однесуваат селективно кон медиумите. Новинарите го потсетија дека нивната балансираност се состои во секојдневното пренесување на другата страна.
lazo petrusevski AVMU
Откако Петрушевски ги обвини новинарите за политичка пристрасност, тие го потсетија дека тој и неговите колеги се предлог на политичка партија, а не новинарите кои членуваат во ЗНМ или го претставуваат медиумот.

Членот на Советот Зоран Фиданоски, рече дека ЗНМ останува на ставот дека овој потег е политички мотивиран и бара целиот извештај да се преработи пред да се најде пред пратениците.

Телевизиите кои сметаат дека ваквиот став им го нарушува угледот вчера реагираа, оценувајќи го ставот како некоректен, тенденциозен и невистинит.