Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСите наши деловнички блокади: Четирите екстремни случаи на македонски филибастер

Сите наши деловнички блокади: Четирите екстремни случаи на македонски филибастер

ратениците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вчера формираа 10 пратенички групи, потег кој се толкува како подготовка и најава на опозицијата за блокирање на реформските закони преку т.н. тактика филибастеринг, која не е непознаница за македонската парламентарна демократија, пишува „Мета“.

Филибастерингот (терминот доаѓа од холандскиот збор за пират) досега повеќепати бил применуван во македонскиот законодавен дом, претежно од пратениците на опозицијата, за одолжување на собраниските расправи, за да се спречи или да се „растегнува“ носењето на некој закон или одлука. Во три случаи, користењето на оваа тактика одеше во екстреми, а двапати заврши со насилства во Собранието, од кои последните, кои се случија на 27 април годинава, беа најтешки.

Инаку, куриозитет е што во најекстремните случаи на филибастеринг во Собранието, централна фигура бил актуелниот спикер, Талат Џафери, било тој да бил филибастерот или личноста заради која одредена пратеничка група вршела филибастеринг.

Досега во Собранието имаше четири екстремни случаи на филибастеринг:

  • Талат Џафери против Законот за бранители – Талат Џафери заедно со пратениците на ДУИ во 2012 година 40 дена го блокираше носењето на Законот за бранителите. Џафери со читање поезија и со молчење ја блокираше работата на Комисијата за труд и социјална политика;
  • СДСМ против носењето на буџетот за 2013 година – Пратеничката група на СДСМ, тогаш во опозиција, во 2012 година со поднесување на повеќе од 1.000 амандмани се обиде да ги блокира телата на Собранието за да го спречи носењето на државниот буџет за 2013 година. Ова епизода во македонскиот парламент заврши на 24 декември 2012 година, со исфрлање на пратениците од СДСМ и на новинарите од Собранието. Овој настан е познат како „црниот понеделник“;
  • ВМРО-ДПМНе против изборот на Талат Џафери за спикер – Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ годинава, со реплики и со контрареплики кои си ги даваа едни на други и со процедуралани забелешки, речиси еден месец (од крајот на март до 27 април), ја блокираа конститутивната седница за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Филибастерингот на ВМРО-ДПМНЕ заврши со упад и со насилства во Собранието, во кои беа повредени актуелниот премиер Зоран Заев, пратеници и новинари;
  • ВМРО-ДПМНЕ против разрешувањето на Марко Зврлевски – Четвртиот случај е тој што сега е во најава, со формирањето на десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, а чија цел е блокирање на разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Секој координатор има право, а тоа почна да се користи, да побара пауза, стенограми и видеоснимки од седницата. Собранието ја одложи шестата седница на чиј дневен ред се предлог-одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител, како и разрешувањето на Марко Зврлевски, а во меѓувреме се одржуваат координации меѓу пратеничките групи за намалување на тензиите.

Инаку, филибастерингот има особена традиција во американскиот сенат, каде ваква тактика користат малцинството сенатори, поради што во 1917 година е воведено „правилото 22“, со кое дебатата, односно филибастергот, може да се затвори со двотретинско мнозинство.

Во македонското Собрание ваква можност нема. Ова е нотирано и во извештајот на ад-хок анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012 година.

„Соодветни процедури во случај на ‘филибастеринг’ се речиси непостоечки“, стои во извештајот.

Најдолг индивидуален случај на филибастеринг во историјата на американскиот Сенат е оној на сенаторот од Јужна Каролина, Стром Турмонд, кој во 1957 година ја држел говорницата 24 часа и 18 минути, а против донесувањето на законот за граѓанските права во САД.

Британскиот национален сервис „Би-би-си“, во март минатата година објави дека новиот светски рекорд за „комбиниран филибастеринг“ го поставиле јужнокорејските пратеници, кои непрекинато ја држеле говорницата 192 часа, со долги монолози и со читање на популарниот роман на Џорџ Орвел, „1984“. „Филибастерингот“ бил со цел да се блокира донесувањето на законот за мерки против тероризмот.

Претходно, според „Би-би-си“, рекордот го држела канадска партија со одолжување на дебатата до 57 часа во 2011 година.