Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика(Видео) Шилегов: Во Агенцијата за вработување се работи на црно, ова ли е проектот „Македонија вработува“?

(Видео) Шилегов: Во Агенцијата за вработување се работи на црно, ова ли е проектот „Македонија вработува“?

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, денеска на прес-конференција обвини за непријавени работници во Агенцијата за вработување.

„Се наоѓаме пред Агенцијата за вработување. Агенција којашто треба да вработува граѓани. Е во неа работат непријавени работници!

Еве го ревизорскиот извештај! Во него стои дека Агенцијата за вработување ангажирала работници, хигиеничари и портир без да склучи договори со нив како што наложува Законот за работни односи или договори за услуга како што е предвидено со Законот за агенциите за привремени вработувања.

Ваков ли е наводниот проект „Македонија вработува“ на обвинетиот Никола Груевски, што го спроведува власта токму преку оваа Агенција?

Ако Агенцијата за вработувања ангажира работници “на црно“, што се случува во другите државни институции?! Што се случува во другите правни субјекти?

Кадрите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги раководат институциите противзаконски и ги кршат работничките права!

Токму ваква опасна порака до другите работодавци испраќа Агенцијата за вработување дека е дозволиво да имаат непријавени работници!

Државниот инспекторат за труд е должен веднаш да постапи по наодите содржани во овој ревизорки извештај. На непријавените работници веднаш да им бидат обезбедени договори за работа и пензиско, социјално и здравствено осигурување! Агенцијата за вработување да понесе одговорност.

Со ова се потврдува дека „Македонија вработува“ на Груевски е чиста фарса и дека власта и Груевски најсурово и најнеодговорно си поигруваат со најзагрозените граѓани кои работат за парче леб.

Но времето на фарси поминува! Времето на манипулации со животите на граѓаните поминува! После 11-ти декември доаѓаат промените“, изјави Шилегов.