Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШврговски ќе го брани Бобан С. за кражбата на три милиони евра од НЛБ

Шврговски ќе го брани Бобан С. за кражбата на три милиони евра од НЛБ

Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски му е адвокат на 40-годишниот Бобан С., осомничен за кражбата на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ во Скопје.

Информацијата за „Мета“ ја потврди самиот Шврговски.

– Да, јас сум му адвокат – ни рече Шврговски, но не сакаше да коментира ништо во врска со случајот.

Бобан С., осомничениот за најголемата кражба во историјата на независна Македонија, трезорот на банката го испразнил од 6 до 10 април, соопшти МВР. Против него е поднесена кривична пријава за затајување и во моментов е на издржување на 30-те дена притвор што му ги одреди судот.

Овој случај од почетокот го следат низа контроверзии, а најголема мистерија е што се случило со украдените пари, кои и по речиси 10 дена сè уште не се пронајдени.

Шврговски за државен јавен обвинител беше избран во 2007 година и оваа функција ја извршуваше до 2013 година, кога на негово место беше именуван актуелниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.