Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветШведска ги заостри законите за азил

Шведска ги заостри законите за азил

Шведскиот парламент вчера изгласа построги правила за барателите на азил, вклучително и запирањето на постапката за давање постоен престој за оние кои е одобрен азил. Покрај тригодишниот престој за повеќето бегалци, воведени се мерки коишто го ограничуваат соединувањето на семејствата. Мерките ќе траат три години, со исклучок околу постојаниот престој за бегалските квоти.

Новите прописи ќе стапат на сила од 20-ти јули и ќе се применуваат за оние коишто во Шведска пристигнале по ланскиот 24-ти ноември, кога владата ја покрена расправата за поцврст став во однос на бегалците и имигрантите. Шведската влада смета дека ваквиот чекор е неопходен поради проблемите кои се појавија во текот на минатата 2015 година, кога во земјата пристигнале повеќе од 163.000 лица кои бараат азил во оваа скандинавска држава.

Законскиот предлог во вторникот во парламентот мина со 240 гласови „за“, и 45 гласови „против“. Коалициската влада на Социјалните демократи и Зелените беше поддржана и од антидоселечничките Шведски демократи и од конзервативната Умерена партија. Триесет пратеници беа воздржани, вклучително и од опозициската Либерална парти и од Христијанските демократи, а 34 членови на парламентот, кој брои 349 пратеници беа отсутни. Четворица пратеници од владејачката партија на Зелените гласаа против законскиот предлог, како и опозициската Центристичка партија, и Левата партија којашто инаку по многу прашања ја поддржува владата на левиот центар.

Новиот закон го критикуваа и невладините организации, како шведската канцеларија на Аmnesty International и од Save the Children, а тоа го сторија и бискупите на шведската Лутеранска црква.

Шведска, со 10 милиони жители, покрај Германија и Австрија е најпосакуваната дестинација за мигрантите кои бегаат пред војните, прогоните и сиромаштијата на Блискиот исток.