Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШтрајкот на грчките цариници ќе им го скрати продолжениот викенд на Македонците

Штрајкот на грчките цариници ќе им го скрати продолжениот викенд на Македонците

Патувањето кон Грција утре ќе биде отежнато поради 24-часовниот штрајк на грчките цариници кои реагираат поради владините мерки за штедење. Од граничните премини Евзони и Дојрани велат дека границите ќе бидат затворени од полноќ вечерва до полноќ в четврток, а работата ќе се нормализира в петок.

Од Евзони во телефонски разговор за „Мета“ потврдија дека границата ќе биде главно затворена и се очекуваат проблеми и долги задржувања за патничките возила поради штрајкот. Посочуваат дека ќе има само гранично обезбедување и дека ќе може да се преминува пеш.

Неофицијално, од грчката граница велат дека има шанси да се отвори преминот во одреден момент на кратко за да се пропуштат одредени возила или камиони кои се итни случаи, како и дека доколку има голема редица и за да им се излезе во пресрет на патниците, но велат дека главно преминот ќе биде блокиран во текот на речиси целиот ден поради договорениот штрајк на цариниците и на вработените во Министерството за економија.

Од преминот Дојрани кај Дојран, пак, велат дека границата ќе биде затворена и нема да се пропуштаат ниту патнички возила ниту камиони во текот на целиот ден.

Граничарите и вработените во министерството бараат подобрување на работничките услови, проценката на нивната работа и плати, а најавуваат и протест пред просториите на министерството во Атина утре изутрина.

Штрајк за утре најави и грчката железница, поради што нема да има ниту еден воз во Грција во текот на целиот ден.