Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШто се договорија владите на Македонија и на Бугарија?

Што се договорија владите на Македонија и на Бугарија?

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Струмица, по заедничата меѓувладина седница, потпишаа серија спогодби за соработка од областа на одбраната, телекомуникациите, туризмот, енергетика и на економијата.

Министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Красимир Каракачанов, потпишаа Протокол за соработка во спроведувањето обуки за припадници на АРМ во воентите школи во Бугарија и за интензивирање на соработката.

Со потпишување меморандум, министерот за информатичко општество и за администрација, Дамјан Манчевски, и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, го официјализираа и намалувањето на меѓународните тарифи за роаминг во телекомуникациските услуги.

Во согласност со договорот, регулаторните тела на двете држави треба да почнат процедура со која ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг. Во моментов, за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за еден мегабајт интернет.

Бугарската министерка за туризам, Николина Ангелкова, и македонскиот заменик-минситер за економија, Кире Наумов, потпишаа Договор за соработка во туризмот со кој, исто така, се предвидува и заедничко учество на туристички саеми, заедничко објавување туристички промотивни материјали, организација и учество на конференции, семинари и други туристички настани, како и заеднички настап на трети пазари.

Министрите, покрај тоа, потпишаа и два договора за соработка во енергетскиот сектор, со кои се предвидува од почетокот на 2018 година да се воспостави заеднички пазар за распределба на преносни капацитети меѓу електроенергетските оператори на двете земји. Со договорите се предвидува олеснето тргување со струја.

Бугарскиот оператор за гас „Булгартрансгаз“ ЕАД и АД „Македонски енергетски ресурси“ – МЕР потпишаа Договор за спроведување студија за исплатливост на изградба на нова гасна меѓусистемска врска, а агенциите за катастар на Македонија и на Бугарија потпишаа договор за размена на картографски и геодетски материјали и информации.

Претставниците на двете влади пред меѓувладината седница го посетија манастирот „Водоча“, а потоа се поклонија пред споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.