Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаШтипјани си направиле нива со марихуана во кратовско село

Штипјани си направиле нива со марихуана во кратовско село

Штипјани си направиле нива со марихуана во кратовско село. Кумановската полиција поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(59) и неговиот син Т.Ѓ (37) од Штип осомничени за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Полицијата по претходно добиено оперативно сознание дека Т.Ѓ (37) одгледува насади од канабис сатива во кратовското село Татомир, извесно време ја нагдледувала нивата. Вчера наутро уапсен е неговиот татко С.Ѓ, кој дошол за да ги полие насадите, и С.С (48) – таксист од Штип кого С.Ѓ го ангажирал трипати во неделата да го вози од Штип до селото Татомир.

Увидната екипа на СВР Куманово на местото нашла и запленети вкупно 71 насад канабис сатива во големина од 1 метар до 2,3 метри кои се откорнати и со потврда се одземени заедно со пластични канти, гумени црева, шишиња со течност за прехрана на растенијата и шприцеви.

– По наредби на Основен суд Штип е извршен претрес во домовите и помошните простории на С.Ѓ и Т.Ѓ, при што од домот на Т.Ѓ со потврда се одземени: најлонска ќеса со непозната растителна зелена материја, семе од непозната растителна материја, луле со дробалка, четири пакувања со ризли, дигитална вага, дурбин, ловечки патрон, два куршума 7,62 мм и куршум за гасен пиштол. Во останатите простории се пронајдени и одземени: три засадени стебла со должина од 145 см, 185 см и 190 см, девет грама растителна материја, 15 стари метални монети, а во лозјето, сопственост на пријавените, се пронајдени и одземени две засадени стебла канабис во должина од 90 см и 100 см, информира МВР.

На С.Ѓ по спроведена постапка од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а Т.Ѓ не е приведен зашто извесен период престојува во Германија или во Белгија.