Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаШтип ќе добие нов современ клинички центар

Штип ќе добие нов современ клинички центар

Штип ќе добие нова современа Клиничка болница. Министерот за здравство Никола Тодоров денеска презентираше проект за изградба на болница според врвни стандарди, со карактеристики и функционалности кои досега ги немало во Македонија.

– Изградбата на болницата ќе почне во средината на октомври, а објектот треба да биде завршен до крајот на октомври 2017 година. Објектот ќе се гради на сегашната локација на болничкиот комплекс, на местото меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на сегашна педијатрија. Ќе опфати површина од околу 34.000 метри квадратни бруто површина. Станува збор за инвестиција во вредност од околу 30 милиони евра – рече Тодоров.

Истакна дека тендерот за изградба на Клиничката болница во Штип беше објавен вчера во официјалниот гласник на Европската унија од страна на Банката на Советот на Европа и додаде дека отпочната тендерската постапка за градба и огласот според стадардите на Банката е објавен и во Република Македонија.
bolnНовата Клиничка болница во Штип, рече Тодоров, ќе биде високо енергетски ефикасен објект со ниска потрошувачка на примарна енергија на годишно ниво која ќе се троши за греење, вентилација и климатизација, санитарна топла вода, осветлување и помошна енергија, а предвидено е ново сообраќајно решение со кое ќе се овозможи посебен, брз пристап за ургентниот центар и возилата на брзата помош, посебен пристап до главниот влез за големиот болнички капацитет.

– Објектот ќе има сопствен резервоар за вода кој може да обезбеди автономија од два дена на цела болница, како и сопствен агрегат кој обезбедува и автономија во случај на прекин на електрична енергија. Просторно – функционалниот модел на објектот се состои од две целини – првата ја сочинуваат три катни висини, каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората се состои од четири нивоа: подрум, ниско приземје, приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервиски одделенија, како и одделот за патологија и судска медицина- рече Тодоров.

Штипската болница, во моментот функционира во постар објект изграден во 1937 година, кој е нефункционален не само заради старите и дотраени згради со веќе амортизирана инфраструктурна поддршка, туку и заради дисперзираност на здравствените содржини кои се сместени дури во 12 посебни згради, додека новиот објект на Клиничката болница ќе обезбеди соодветни просторни услови за дијагноза, третман и нега на пациентите и секако современи услови за работа на здравствените работници. Здравствени услуги ќе бидат достапни во постоечката болница и за време на изградбата.