Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШекеринска на ТВ 24: Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им кажуваа на напаѓачите каде да нè најдат

Шекеринска на ТВ 24: Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им кажуваа на напаѓачите каде да нè најдат

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска синоќа во 24 Анализа даде свое видување за дивеењето во Собранието. Таа рече дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им асистирале на напаѓачите во собирањето на оружје.

„Според нашите информации, неколку од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им асистираа во собирањето на оружје. Неколку од нив ги водеа, им кажуваа каде треба да нè најдат, за штетата да биде поголема“ – рече Шекеринска.

„Јас само ќе ве потсетам дека и кога ВМРО-ДПМНЕ организираше напади во општина Центар, се сеќавате, и тогаш имаше многу голема приказна: ќе се рушела црквата. Ене ја црквата, до собрание е, никој не ја сруши. Ама снимките покажаа кој стоел зад нападите и заради што организирал линч на советници. Јас сум убедена дека сега исто е. Во позадината е Груевски, тој ги испрати луѓето, овојпат не ги испрати за да удрат два-три шамара, туку да скршат неколку глави и по можност, да не грешам душа, ама и да убијат некого, а интересот е буквално ист. Неговиот бизнис-интерес: да остане на слобода и да го зачува тоа што го украл од овој македонски народ, кој толку често го спомнува, а толку лесно го краде.“

За собирањето оружја и шипки, вели Шекеринска, „имавме информации од луѓето во обезбедувањето. Најголем дел од нив не се блиски до СДСМ, поради историјата и минатото повеќе мислам дека би биле блиски кон ВМРО-ДПМНЕ, но беа таму на професионална обврска. И тие беа истепани. И тие беа оставени на милост и немилост. Јас бев во просторија што беше темна, па можеби не ме видоа и затоа беа поотворени кога зборуваа, тие луѓе речиси плачеа од немоќ, дека биле оставени пет-шестмина. Дека половина час се обидувале да добијат некого од полиција за асистенција.“

„Имавме среќа што ова помина без жртви. Повеќе од 10 пратеници беа повредени, а најмногу Села. Во болница не можев дури да го препознаам. Најстрашното не беа повредите. Нè делеше чекор до жртви. Луѓето беа дојдени да нè убијат. Се дереа кои им беа таргетирани пратеници. Тоа беа 7-8 имиња. Полицијата дозволи да се шетаат маскирани луѓе по Собранието“, рече потпретседателката на СДСМ.