Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШекеринска и Димитров на состанок на Североатланскиот совет посветен на Македонија

Шекеринска и Димитров на состанок на Североатланскиот совет посветен на Македонија

Вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска заедно со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров престојуваат во посета на Брисел каде денеска ќе учествуваат на состанокот на Северно-атлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1), јавува МИА.

На состанокот со амбасадорите на Северно-атлантскиот совет со кој ќе претседава заменикот генерален секретар на НАТО Роуз Готемелер, ќе се затвори 17-от циклус на Акциониот план за членство на РМ во НАТО, при што ќе бидат презентирани реализираните цели и активности на Владата во насока на исполнување на поставените критериуми за членство во Алијансата.

Од Владата денеска соопштија дека фокусот ќе биде ставен на реформските процеси што интензивно и навремено се спроведуваат според Планот 3-6-9, на придонесот на Македонија кон зачувување и унапредување на мирот и безбедноста во регионот и пошироко, како и на идните активности во рамки на проактивната надворешна политика и одбранбените реформи.

Министрите Шекеринска и Димитров денеска во Брисел ќе имаат средба со заменик генералниот секретар на НАТО Готемелер, по што во 14:45 часот во прес-центарот на НАТО ќе дадат заедничка изјава за медиумите.

Во пресрет на состанокот на Северно – атлантскиот совет, Шекеринска вчера во Брисел се сретна со Педро Серано, заменик генерален секретар на Европската служба за надворешна политика, а за денеска се очекува да има средба со директорот на Директоратот за планирање и политика на НАТО Пол Северо. Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера попладнево во Брисел се сретне со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.