Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШарена револуција: Правдата не е задоволена – политичката борба останува на улиците

Шарена револуција: Правдата не е задоволена – политичката борба останува на улиците

Шарената револуција ги потсети политичарите дека постигнатиот договор не е конечно решение. Борбата мора да продолжи зашто во Македонија нема демократија, а правдата не е задоволена – пишува на страната на Шарената револуција.

Спречивме избори без пречистен список, кои со сигурност ќе беа украдени. Издејствувавме повлекување на срамното помилување на криминалци објавено од опасниот Иванов. Оневозможивме за иднината на Македонија да се решава во Виена. Обезбедивме заштита на СЈО и гарантирање на неговата функционалност, дури и ако Уставен суд се дрзне да го укинува. Мора да бидеме будни! На штрек!
sarena revolucija
Четирите најголеми политички партии вчера се договорија за начинот на кој тие сметаат дека ќе бидат создадени услови за вистински фер, слободни и демократски избори. Граѓанското општество не беше вклучено во овие преговори, ниту како набљудувач, ниту како консултант. Ова повторно го наметнува сомнежот дека партиите од власта ќе ги искористат сите средства кои им се на располагање за да спречат спроведување на договореното. Ваквите ризици одново предизивикуваат губење на довербата во целиот процес.

Поради тоа, не смееме да се откажеме од сржта на барањата на сите ние кои со месеци протестиравме по улиците – правда за граѓаните, казна за криминалците, демократизацијата на нашето општество, ослободување на институциите и надминување на оваа криза. Ова мора да биде процес во кој ќе бидат вклучени сите општествени чинители. Борбата продолжува! Мораме будно да го следиме спроведувањето на договореното и да бидеме свесни дека демократијата и владеењето на правото во Македонија нема да се случат кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Оваа држава има системски проблеми кои се негувани и развивани со децении и нивното надминување не е и не смее да биде брз, површен и неиклузивен процес.

Во Владата и низ институциите се уште имаме криминалци и луѓе под истраги за тешки кривични дела и изборни манипулации. Тој проблем нема сам по себе да се реши со изборите. За да има правда СЈО треба да може непречено да си ја врши својата работа. Со вчерашниот договор, иако уставноста на СЈО е се уште под ризик од Уставниот суд, сепак неговата заштита се гарантира со обврската Собранието во рок од пет дена повторно да го воспостави во целосен капацитет. Но, СЈО се уште се соочува со пречки во своето работење од речиси сите институции и тела со кои треба да соработува. Поради тоа, специјалното одделение во Кривичниот Суд, кое ќе постапува по предметите на СЈО, мора да биде формирано без никакво одлагање.

На 31 август, истите четири партии треба да се согласат дали се исполнети условите за одржување на изборите. Граѓаните и граѓанското општество мора да продолжат да инсистираат на вклученост, зашто целосен излез од кризата нема да биде можен ако се заобиколат граѓаните кои во се поголем број се организираат во иницијативи, здруженија, организации, движења и неформални групи. Сите партии мора да разберат дека политиката е пред се за и на граѓаните, а после тоа на партиите.

Од нас зависи. Мора да продолжиме да вршиме притисок врз злосторничкото здружение, врз власта, врз институциите и врз домашната и меѓународната јавност. Конечно, сите да се заложиме и да не да дозволиме корумпираниот и автократски режим, олицетворен во Груевски и Ахмети, да продолжи да го блокира секој обид за ненасилно надминување на кризата. Ќе бидеме будни, на штрек, ќе се вмрежуваме и уште поцврсто ќе застанеме позади потребата од итно демократизирање на Македонија!