Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаШахпаска: Власта крати терапии за болни, животот им е загрозен

Шахпаска: Власта крати терапии за болни, животот им е загрозен

СДСМ на прес конференција во Собранието ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека делат пари од тендери, на штета граѓаните.

Пратеничката од редовите на СДСМ, Јагода Шахпаска вели дека токму поради тоа е потребна е итна деблокада на демократските процеси.

Според неа, владата донела одлука со што го скратила буџетот за лица на инсулинска терапија, за заболените од ретки болести и за вакцини.

„Власта во заминување не престанува да прави штети и го става во ризик здравјето на граѓаните. Со техничка одлука, го скратиле здравствениот буџет за инсулинската терапија. 46 илјади пациенти се ставени под ризик, 600 од тие лица се деца на кои животот им зависи од терапијата. Покрај оваа одлука, пациентите се соочуваат со неквалитетни игли и апарати за крвен шеќер, а сега остануваат без потребните парични средства, односно намален буџет. Не се поштедени ни лицата со ретки болести, за нив се скратени 40 милиони денари. Скратен е и буџетот за вакцини во износ од 36 милиони денари“,вели Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ.

Пратеничката додаде и дека кога СДСМ ќе дојде на власт ќе ги преиспита сите сомнителни тендери и за оние кои го прекршиле законот ќе сносат последици.

На новинарско прашање дали наскоро ќе се избере Претседател на Собранието, Шахпаска го повтори ставот на СДСМ дека тоа ќе го направат согласно Уставот и Деловникот, а наскоро ќе изберат и Влада.

Што се однесува до заканите од ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека од оваа партија треба да се свестат, затоа што одат на штета на државата.