Thursday, Mar 28, 2024
HomeАНТИСТРЕСЕкимСезона на цреши, дознајте ја здравата страна на ова овошје

Сезона на цреши, дознајте ја здравата страна на ова овошје

На почетокот сме од сезоната на црешите, па убаво е да ја знаеме и здравата страна на ова овошје, кое е од исто семејство како и праските, сливите, кајсиите и бадемите. Го конзумирале уште античките Римјани, Грци и Кинези, а се смета дека од Азија во Европа најверојатно го пренеле птиците преселници.

Полни се со антиоксиданти. Според една студија, во црешите има антоцианин и цијанидин, супстанции кои се супериорни во однос на витаминот Е во заштитата на нашето тело од стареење.

Содржат состојки кои спречуваат рак. Црешите содржат влакна, витамин Ц, каротеноиди и антоцианини, кои помагаат во превентивата од рак, зашто имаат антиоксидативни и инхибиторни својства, а цијанидинот го спречува менувањето на здравите клетки во клетки со рак.

Намалуваат воспаленија како гихтот. Во студијата на 600 лица со гихт, тие што јаделе само по 10-12 цреши на ден имале 35 насто помал ризик од последователни напади на гихт, а тие што јаделе повеќе цреши, го намалиле ризикот од дури 50 насто.

Го поткрепуваат здравиот сон. Црешите содржат природен мелатонин, кој помага за смирување на воспаленијата и поврзаните оксидативни стресови, а истовремено игра важна улога во спиењето и регенерацијата на телото. Истражувањата покажале дека со пиење сок од цреши се зголемува нивото на мелатонин, со што добивате поквалитетен, подолготраен и помирен сон.

Ги намалуваат болките од артритис. Докажано е дека цешите содржат највисоко ниво на состојки кои ги смируваат воспаленијата. Според една студија, жените со артритис кои пиеле сок од цреши двапати дневно ги намалиле маркерите за воспаление и болките во коските до 20 насто.

Го намалуваат масното ткиво на стомакот. На испитувања со животни, докажано е дека на тие примероци кои им бил даван прашок од цреши таложеле помалку маснотии и имале пониски нивоа на воспаленија и триглицерити, што укажува на потенцијални придобивки за здравјето на срцето.

Ја намалуваат болката во мускулите после вежбање. Спортистите кои конзумирале сок од цреши пред трчање на долги патеки имале помалку болки, па се смета дека заради своите антивоспалителни дејства, тие ја ублажуваат болката и го намалуваат оштетувањето на мускулите од напорните вежби.

Го намалуваат ризикот од удар. Конзумирањето цреши може да ги активира рецепторите во ткивата кои помагаат во регулирање на гените за метаболизмот на мастите и гликозата, а тоа активирање може да помогне за намалување на ризикот од срцеви болести.