Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСеверна Кореја го навлече бесот – Американски државници во Азија предупредуваат

Северна Кореја го навлече бесот – Американски државници во Азија предупредуваат

Американскиот потпретседател Мајк Пенс пристигна во Јужна Кореја на почетокот на десетдневната посета на азиско-пацифичкиот регион во време на засилени тензии со Северна Кореја поради нивната нуклеарна и ракетна програма. Пенс денеска пристигна во Сеул, откако утринава Јужна Кореја и САД соопштија дека имало неуспешен ракетен тест во Северна Кореја. Американски носачи на авиони се упатија кон Корејскиот Полуостров.

„Провокацијата од утринава од Северот е само последен потсетникза ризиците со кои секој од вас се соочува секој ден во одбрана на слободата на народот на Јужна Кореја и одбраната на Америка во овој дел од светот“, изјави Пенс пред американските војници, пред да им се придружи на велигденската вечера.

советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Х.Р. Мекмастер пак е во посета на Кабул. Тој рече дека има меѓународен консензус, вклучувајќи ги и Кина и кинеското раководство, дека не може да се дозволи да продолжат ракетните тестирања од Северна Кореја.

Мекмастер денеска пристигна во Кабул, неколку дена откако американската војска ја фрли најголемата ненуклеарна бомба врз упориште на Исламската држава во источен Авганистан, убивајќи речиси 100 милитанти. Тој на Твитер претходно напиша дека доаѓа во Авганистан на „многу важни разговори за меѓусебна соработка“. Авганистанската претседателска палата на Твитер соопшти дека претседателот Ашраф Гани и Мекмастер денеска разговарале за „билатерални прашања, безбедност, контратероризам, реформи и развој“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, на прашање во врска со Северна Кореја оваа недела, изјави дека Северна Кореја е проблем кој ќе биде решен. Тој во неколку наврати изјави дека Кина, доминантниот трговски партнер на Северна Кореја, нема волја повеќе да го притисне Пјонгјанг, па САД би можеле да ги земат работите во свои раце.