Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСериозно влошување на односите: САД го преместува нуклеарното оружје од Турција во Романија

Сериозно влошување на односите: САД го преместува нуклеарното оружје од Турција во Романија

Американското нуклеарно оружје чувано во Турција во близина на сириската армија, наскоро ќе биде преместено во Романија, пренесува денес бриселски EurAktiv повикувајќи се на неколку извори.

Официјален Вашингтон досега ги нема ниту потврдено, ниту негирано овие информации, но од Американците е најавен одговор, додека пак Романците ги отфрлија овие информации. Сепак, според EurAktiv сето тоа е во склад во традицијата која што е присутна од Студената војна – протечените информации за американското нуклеарно оружје на територијата на Европа да не се потврдуваат.

Во текстот, овој потег на американските власти се поврзува со влошувањето на односите помеѓу САД и Турција после неуспешниот државен удар во Турција, како и за загрозената безбедност на арсеналот на тактичкото нуклеарно оружје во базата Инџирлик со оглед на тоа што е сместено на 100-тина километри од границата со Сирија.

Еден од изворите открил дека префрлувањето на тактичкото нуклеарно оружје од Турција во Романија е голем предизвик и во технички, но и во политички смисол: „Не е лесно да се префрлат повеќе од 20 парчиња нуклеарно оружје“, открил тој извор кој сакал да остане анонимен.

Според информациите на политички независниот истражувачки центар Стимсон, во воздухопловната база Инџирлик во Турција има разместено околу 50 парчиња тактичко нуклеарно оружје од Студената војна, за безбедноста на ова оружје се зборували и порано, но после неуспешниот државен удар во Турција, тоа прашање повторно се најде во центарот на вниманието.
nuklearna
Во извештајот на центарот Стимсон стои дека за време на државниот удар, електричната енергија во базата Инџирлик била исклучена, а турската влада им забранила на авионите на САД да полетуваат и слетуваат, командантот на таа база бил уапсен поради вмешаност во воениот пуч, а на прашањето дали САД би успеале да ја одржат контролата над оружјето доколку пучот успеел, никој не може да знае.

Друг извор на EurAktiv им открил дека односите помеѓу Турција и САД толку многу се влошиле после обидот за воен удар, па Вашингтон веќе ја нема истата доверба во официјална Анакара, за оружјето да остане во таа земја.

На прашањето за трансферот на оружјето, американскиот Стејт Департмент ги упатил EurAktiv да го постават тоа прашање до Министерството за одбрана, кое што нема одговорено, турското министерство ветило дека ќе даде одговор, а од НАТО Алијансата дале дипломатски одговор во кое се истакнува потребата на САД, нуклеарното оружје да остане „безбедно“.

Од друга страна, романското министерство за надворешни работи издало одлучен демант: „Како одговор на вашето прашање, Министерството за надворешни работи одлучно ги отфрлува информациите кои што ги имате наведено“, одговорил портпаролот на романското министерство.

EurAktiv сепак не се откажува и тврди дека демантирањето на информациите за нуклеарното оружје на САД во Европа е вообичаено уште од Студената војна и дека е јавна тајна дека американскиот нуклеарен арсенал е распореден и во Белгија, Холандија, Германија и Италија.
nuklearni bombi
Според овие извори, оружјето сега би требало да биде сместено во воздушната база Девеселу во близина на градот Каракал, што ќе биде многу проблематично за односите со Москва затоа што разместувањето на тактичко нуклеарно оружје во непосредна близина на руските граници ќе предизвика гнев кај руските власти и ќе доведе до влошување на односите.

Според информациите на турскиот портал Хуријет, член на горниот дом на рускиот парламент изјавил дека Турција може да им ја отстапи базата Инџирлик на Русија за интервенција на руските воени авиони во Сирија. Претседателите на Турција и Русија веќе одржаа состанок на 9-ти август и договорија обнова на односите помеѓу двете земји кои беа нарушени минатата година кога Турците соборија руски воен авион на турско-сириската граница.

После обидот за насилно симнување од власт на Ердоган во Турција, односите помеѓу Анкара и Вашингтон паднаа на најниско ниво, затоа што Турците веруваат дека САД му дава поддршка на најголемиот политички противник на турскиот претседател, Фетулах Ѓулен кој од Анкара е обвинет дека стои зад организацијата на воениот удар.

Турција бара од САД да им го испорача Ѓулен, а се очекува дека ова прашање ќе биде главна тема откако потпретседателот на САД, Џо Бајден ќе ја посети Турција на 24-ти август.