Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСела тврди: Ако ме убиеја ќе започнеше војна

Села тврди: Ако ме убиеја ќе започнеше војна

Пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села сведочи дека цел му била да се соочи со организираните напаѓачи кои дошле специфично за да му извршат атентат, затоа тргнал кон нив наместо да бега по што се одвојува од групата на пратеници кои исто така трпеа жестоки напади, а на тој начин и го тргнал потенцијалниот нов притисок врз нив.

-Имав две опции. Да заминам или да останам. Решив да не бегам и да се движам во правец кон толпата која одеше право кон мене и ме бараше. Мислев дека на тој начин ќе ги заштитам другите кои можеби ќе беа повредени од тие што мене ме бараа. Тука зборуваме за мажественост, а бегањето не е храброст. Верувам дека постапив правилно, вели пратеникот, Зијадин Села од Алијанса за Албанците во неговото прво интервју во кое тој зборува за настаните од 27 април, како и за неговите следни чекори во рамките на идната власт.

Села тврди дека намерата на лицата кои го нападнале во Собранието им била да го убијат. Тој воедно додава дека доколку бил убиен, Македонија денес ќе била во војна.

– Имаше многу Албанци околу парламентот. Ако јас не бев жив денес, Македонија ќе беше во војна – тврди Села во интервјуто.

Тој вели дека знаел дека токму тој е метата на дел од лицата кои упаднале, па свесно тргнал кон нив.

– Има моменти кога човек не плаши од последиците. Мислам дека тоа преовладуваше во тие мигови – вели Села.

Тој тврди дека никогаш не го оспорил унитарниот карактер на државата, но повторно нагласува дека е за федерализација на Македонија и дека ќе остане на тој став.

– Никогаш не го оспорив унитарниот карактер на државата, туку отворив дебата за нова опција што би ја направила оваа држава многу по фер и поправедна. Таа опција беше федерализација. Не верувам дека е страшно или опасно да се разговара за која било тема – вели Села.

Тој додава дека треба да се почитуваат барањата на Албанците. Според него албанските партии треба да се вклучат во разговорите за името на државата. Иако Македонија си има свое уставно име, Села користи терминологија која асоцира на преговори за промена на името.

– Ние треба да бидеме дел од решението за името на Македонија. Ние знаеме кое име не треба да го има Македонија. Албанците нема да прифатат име „Славо-Македонија“. Во тој случај, каде би биле ние во таквото сценарио – вели Села.

Интервјуто го објави балканската медиумска истражувачка мрежа „Балкан инсајт“.

Извор: utrinski.mk