Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСегашниот профит на ЕЛЕМ нема да ги спаси граѓаните од идните поскапувања на струјата

Сегашниот профит на ЕЛЕМ нема да ги спаси граѓаните од идните поскапувања на струјата

Државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ, успеа да ја покрие финансиската дупка од јануари кога увезе екстремно скапа струја за 5,6 милиони евра, јавува „Алсат-М“. Увозот се должеше на ладното време и на дефектите во РЕК Битола. Од компанијата велат дека оваа загубата ја покриле со зголемено производство, со поевтин увоз во март и април како и со извозот во ноември и декември 2016 година. Тврдат дека по првите три месеци од годинава се во извонредна финансиска кондиција и поради ова, во јули нема да бараат зголемување на цената на струјата за граѓаните.

„Добивка пред оданочување во висина од 7,5 милиони евра. И самото тоа е уште еден показател за исправните политики и начинот на водење на компанијата, а тоа е уште еден услов дека нема да бараме зголемување на цената“, рече Христијан Мицковски, генерален директор на ЕЛЕМ.

И покрај ваквите финансиски успеси, ЕЛЕМ нема да бара намалување на цената на струјата. Но, сегашниот профит на ЕЛЕМ, нема да ги спаси граѓаните од идните поскапувања на струјата. Мицковски најави дека либералзиацијата на пазарот на електрична енергија и за граѓаните, која ќе стапи во 2020 година, ќе ја поскапи струјата за минимум 25 насто.

„Либерализацијата значи за оние кои што ќе сакаат да излезат на слободниот пазар. Граѓаните претпоставувам нема да сакаат и ќе останат на регулираниот пазар и ќе мора да даваме електрична енергија по регулирана цена“, додава Мицковски.

Мицковски најави редица инвестиции во неговата компанија и дека кога ќе настапи либерализацијата не само што ЕЛЕМ ќе биде конкурентен на пазарот, туку ќе биде регионален тигар на пазарот со струја.