Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСе повлекува законот за Безбедносните сили на Косово

Се повлекува законот за Безбедносните сили на Косово

Законот за Безбедносните сили на Косово (БСК), кој го предложи косовскиот претседател Хашим Тачи, ќе биде повлечен од процедура сѐ додека не се искористат сите можности БСК со уставни амандмани да се трансформираат во оружени сили на Косово.

Според приштинските медиуми, Тачи се согласил на ова за да им излезе во пресрет на барањата на САД и НАТО со измени и дополнувања на уставот да се изврши трансформацијата.

Косовскиот претседател вчера изјави дека САД и други земји, како и претставниците на НАТО, не ја доведуваат во прашање потребата од формирање оружени сили на Косово, туку инсистираат тоа да се направи низ сеопфатна постапка во која ќе учествуваат сите национални заедници.

„И ние сакаме Србите да бидат дел од тој процес и да го поддржат“, кажа Тачи.

Според косовскиот претседател, но и претставници на други институции на Косово, косовските Срби ќе бидат вклучени во разговорите за уставните промени и формирањето на косовската војска.

Меѓутоа, заменик премиерот на Косово од Српската листа Бранимир Стојановиќ за косовските медиуми изјави дека трансформацијата на БСК во оружени сили за Србите не е тема за разговор и дека секој обид да се преговара за тоа е губење време.

Како што дознава агенцијата Бета од добро информирани извори, институциите на Косово имаат согласност од меѓународните фактори доколку не се обезбеди поддршката од Српската листа, трансформацијата да се направи со измени и дополнувања на законот за БСК на Тачи.