Tuesday, Apr 23, 2024
HomeСТУДЕНТУМСе бира нов ректор на УКИМ. Студентскиот пленум обвинува – кандидатите се нелегитимни

Се бира нов ректор на УКИМ. Студентскиот пленум обвинува – кандидатите се нелегитимни

Во петокот истече рокот за „предизборната кампања“, односно за претставување на програмите на кандидатите за нов Ректор на УКИМ. На актуелниот, Велимир Стојковски, му истече вториот мандат. Конечниот број на пријавени кандидати
се шест професори: проф. Ненад Новковски, поранешен министер за образование, проф. Атанас Кочов, декан на Машински факултет, проф. Александар Димитров, декан на Технолошко – металуршиот факултет, проф. Елена Думова, од Градежниот факултет, проф. Коле Василевски од Шумарскиот факултет и проф. Никола Јанкуловски, од Медицинскиот факултет.

Од студентскиот пленум обвинуваат дека на нетранспарентен начин и со нелигитимни студентски претставници се бира ректор.

„Нелигитимните студентски преставници се вечна болка на УКИМ. Овој пат, Универзитетот бира Ректор со нелегитмни студентски претставници кои наместо да го претставуваат студентскиот глас, тие се декор за нечии интереси. Потсетуваме дека мандатот на претставниците на Студентскиот парламент е заврши во 2015 година, а избори сè уште не се одржани! Студенти, ќе дозволиме ли во гласањето за Ректор на УКИМ, во наше име, да гласаат послушници кои што не ги застапуваат нашите ставови?“, прашуваат од Пленумот.

И кандидатот Ненад Новковски се согласува со ваквиот став.
„Политичкиот притисок за тоа кој ќе биде ректор е голем но, не е јавен. Тој не се гледа во јавноста бидејќи сите кандидати за ректор, освен мене се всушност од високиот универзитетски менаџмент кој досега не реагираше ниту на уривањето на автономијата на Универзитетот, не реагираше на активностите на Студентскиот пленум, ниту пак, реагираше на сечењето на дрвата во кампусот на УКИМ. Тие кандидати за ректор, на позициите од кои сега конкурираат дошле со амин на владејачката партија, замешани се во многу работи“, вели професорот Ненад Новковски за А1 он.