Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСе бараат начини за меѓународна истрага за „Диво насеље“, потврди Заев

Се бараат начини за меѓународна истрага за „Диво насеље“, потврди Заев

Владата и претставници на меѓународната заедница бараат начин за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година, потврди премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.

– Чекор кој што досега е направен е информирање на претставници на меѓунардните заедница околу чекорите и варијантите како тоа би се извело. Знаете дека и во владината програма е запишано дека треба да се расветлат сите работи кои што се неразјаснети. Сакаме да нема дилеми и дебати за се она што е неразјаснето, а е од интерес на граѓаните, а овој случај, и тоа како, е од интерес на граѓаните. Верувам дека ќе ги најдеме начините со меѓународната зедница како да се оформи меѓународна истрага – рече Заев.

Судскиот процес за случајот „Диво насеље“ заврши на 2 ноември, годинава, кога Кривичниот суд изрече осудителни пресуди за 34 обвинети за тероризам и терористичка организација, од кои осуммина добија доживотни, а 26 долгогодишни затворски казни – од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободни од обвиненијата.

Адвокатите на обвинетите, но и коалициониот партнер во владата – ДУИ, веднаш побараа меѓународна истрага, која треба да ги разјасни дилемите околу организаторите и мотивите за настаните во Куманово, кои и натаму предизвикуваат контроверзи во јавноста поради наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со учесниците во настанот.