Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ: Затворањето на „Утрински“ е доказ дека сме на дното по слободата на медиумите

СДСМ: Затворањето на „Утрински“ е доказ дека сме на дното по слободата на медиумите

„Најавеното затворање на „Утрински весник“ е уште еден доказ дека Македонија е на дното на Балканот по медиумски слободи и укажува зошто се неопходни демократски промени и конечна заштита на слободата и на професионалното работење на новинарите и на медиумите“, се вели во реакцијата на СДСМ на најавата дека в сабота (29 април) ќе излезе последниот број од овој дневен весник.

Во него се додава дека „неспособноста на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ да се соочат со своите слабости и неприфаќањето на ниту една конструктивна критика, резултираше со невидени притисоци кон медиумите, новинарите и кон сопствениците“.

„Заканите, тужбите, апсењата, затворањата и насилната реторика кон одредени новинари и цели медиуми од страна на власта во заминување, ја турна Македонија на дното на Европа по медиумски слободи. Затоа Македонија и во последниот извештај на „Репортери без граници“ е рангирана како последна на Балканот. Затворањето на „Утрински весник“ дополнително ќе го намали рекордно нискиот рејтинг на Македонија по слобода на медиумите“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Оттаму велат дека „ударите врз професионалното новинарство и притисоците врз нив мора да завршат“.