Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ: ВМРО-ДПМНЕ докажа дека стои зад насилствата од 27 април

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ докажа дека стои зад насилствата од 27 април

Со барањето амнестија за лицата кои на 27 април извршија или беа помагачи на терористичкото загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, од ВМРО-ДПМНЕ докажаа дека токму тие ги нарачале и стојат зад насилствата на крвавиот четврток, кога се случи организиран обид за убиство на пратеници, а загрозена беше и безбедноста на новинари и на вработени во Собранието, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колку и да се обидува ВМРО-ДПМНЕ да ги спаси своите извршители од одговорност за крвавиот четврток, не смее да има амнестија за тие што учествуваа или помогнаа во обидот да се убијат пратеници. Во Македонија, како и во секоја демократска земја, не може да има амнестија за тешки кривични дела како обид за убиство, терористичко загрозување и дела против државата и уставниот поредок. Предлог-законот за амнестија не предвидува ослободување на лица што сториле кривични дела против државата и кривични дела злосторничко здружување“, велат од партијата.

Од СДСМ нагласуваат дека завршило времето на селективна правда и дека Македонија станува правна држава во која секој што ги прекршил законите, ќе мора да се соочи со правна одговорност за своите постапки.