Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ поднесе четири амандмани за законот за јазици

СДСМ поднесе четири амандмани за законот за јазици

Пратеничката група на СДСМ и на коалицијата поднесе четири амандмани на предлог-законот за јазици, со кои ќе се унапредат правата на етничките заедници во земјата, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на прес-конференција во Собранието.

Според Тунтев, со амандманските решенија ќе се унапредува позицијата на помалите етнички заедници што се наведени во преамбулата на Уставот, со што ќе се овозможи и овие заедници да остваруваат одредени права предвидени во предложениот закон.

– Истовремено, предлагаме намалување на висината на казните што беа наменети за институциите што нема да го почитуваат овој закон. Според нашиот предлог, казните од 4.000 евра до 5.000 евра се намалуваат на 1.000 до 2.000 евра. Ние како пратеници сме задоволни што за предложените амандмански решенија добивме поддршка и од нашиот коалициски партнер ДУИ. Наша заедничка цел е да дојдеме до квалитетно решение, кое и практично ќе биде применливо – рече Тунтев.

Координаторот на пратеничката група рече дека Владата преку МНР ќе побара мислење од Венецијанската комисија за целиот текст на законот по неговото усвојување, како и за отворените прашања што не се дел од овој закон, а веќе се доставени до Венецијанската комисија.