Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ обвинува: Новиот воз 3 месеци стои во место поради лошата состојба на пругите

СДСМ обвинува: Новиот воз 3 месеци стои во место поради лошата состојба на пругите

СДСМ денеска обвини дека новиот воз не може да вози по македонските пруги. „Речиси три месеци не е во употреба новиот воз што го промовираше Никола Груевски. Возот има проблем да се движи по железничките пруги, кои се во катастрофална состојба. На ова предупредивме кога Груевски влезе да се слика во возот, ветувајќи чуда“, вели Благој Бочварски, претседател на комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

– За цела деценија мандат, Никога Груевски не изгради ниту еден километар нова пруга, а потроши милиони евра пари на граѓаните за споменици. Каде се сега министрите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат и да се сликаат до возот во застој? Во виртуелниот свет на Груевски, Македонија требаше да има шест нови возови, но и обновена инфрастуктура. Во реалноста има стари, небезбедни пруги. Возови по пругите нема. А и онаму каде што ги има, доцнат по неколку часа и граѓаните смрзнуваат бидејќи внатре нема греење – вели Бочварски, пренесе МЕТА. Бочварски вели дека Македонија останува земја со многу слабо развиена железничка инфраструктура, со само 27 километри пруги на површина од 1.000 квадратни метри.

По оваа реакција, МЖ Транспорт излезе со соопштение во кое ги оцени како невистинити и паушални, тврдењата во денешната изјава на Благој Бочварски.

– Не е точно дека новиот воз не е соодветен на македонската инфраструктура и оти не може да ги поднесе вибрациите. Напротив, тој е соодветен на истата, која пак е со европски стандарди – како и новиот воз. Причината зошто новиот воз се уште не е во редовен сообраќај е тоа што по завршените успешни тестирања од страна на Европско нотифицирано тело следува издавање на сертификат, кој се очекува да биде издаден наскоро, стои во реакцијата од МЖ ТРАНСПОРТ АД – Скопје.