Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ им платил половина милион евра на пет телевизии за изборно рекламирање

СДСМ им платил половина милион евра на пет телевизии за изборно рекламирање

За платената политичка програма на националните телевизии за двата круга на локалните избори, СДСМ потрошил 500.455 евра, информираат од партијата.

Од нив, на „Телевизија 24“ СДСМ ѝ исплатил вкупно 73.602 евра за 13,8 часа платена политичка програма, на „Канал 5“ ѝ биле исплатени 106.389 евра за 9,8 часа рекламирање, а на „Телма“ – 93.578 евра за 5,5 часа.

Телевизија „Сител“ добила најмногу, односно 155.637 евра за 9,1 час платена политичка програма, а најмалку добила телевизија „Алсат М“, на која за 7,6 часа платена политичка програма ѝ биле исплатени 71.249 евра.

„СДСМ и коалицијата се рекламираа и на неколку регионални и локални телевиизии, радио-станици, интернет-портали и во печатени медиуми. Вкупните трошоци за време на кампањата, како и за платената политичка програма, во согласност со законот, ќе бидат наведени во финансискиот извештај што ќе го опфаќа целиот период, до завршување на кампањата, односно до затворање на сметката“, велат од СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека во сличен сооднос емитувала платена политичка програма на националните, регионалните и на локалните телевизии, како и на радијата, интернет-порталите и во печатените медиуми и за време на последните парламентарни избори во 2016 година.