Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ: Груевски се шета во Малта, собранието блокирано, а граѓаните трпат

СДСМ: Груевски се шета во Малта, собранието блокирано, а граѓаните трпат

Додека Никола Груевски се шета во Малта, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зборуваат самите со себе во Собранието, граѓаните трпат, и денеска граѓаните ќе плаќаат скапа струја, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокира гласањето за враќање на евтината дневна тарифа, порачуваат од СДСМ.

„Родителите се загрижени за стресовите кои ги чекаат нивните деца, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокира гласањето за укинување на екстерното тестирање. Граѓаните се уште имаат обврска да плаќаат радиодифузна такса, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокира гласањето за нејзино укинување“, додаваат од партијата.

„Работниците не можат да го добијат ветеното покачување на минималната плата на 12 илјади денари во првата година, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го блокира гласањето и за оваа мерка. 700 илјади граѓани гласаа и очекуваат промени за живот за сите во Македонија. Нивната волја ќе се реализира“, велат од СДСМ.

„Ќе има претседател на Собранието и ќе има нова реформска Влада на граѓаните. Ниту Груевски, ниту пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои си зборуваат сами со себе, тоа нема да го спречат“, заклучуваат од СДСМ.