HomeДЕНЕШНАПолитикаШукуроска наспроти Шеќеринска, Стево Продановски, наместо Пендаровски

Шукуроска наспроти Шеќеринска, Стево Продановски, наместо Пендаровски

dik-sednica-01

И на овие избори ќе има дублери на носителите на листи на СДСМ. Партијата СДПМ најде луѓе кои ќе бидат носители на листа со имињата Стево Продановски, Љупчо Николовски и Радмила Шукуроска, кои можат да направат забуна со Стево Пендаровски, Љупчо Николовски и Радмила Шеќеринска од СДСМ.

Овие листи биле доставени ноќеска по 22 часот во Државната изборна комисија (ДИК).

Носител на пратеничката листа на СДПМ (Социјалдемократската партија на Македонија) во првата изборна единица кај што за СДСМ носител е Стево Пендаровски од Скопје, е некој Стево Продановски од Зелениково.

Носител на пратеничката листа на СДПМ во третата изборна единица, каде што носител од СДСМ е Љупчо Николовски, е ист таков Љупчо Николовски, но од Штип.

Дублер на Радмила Шеќеринска, која е носител во петтата ИЕ, е Радмила Шукуроска од Прилеп.

Порано двојничката на Шеќеринска, која се користеше за забуна на гласачите на опозицијата, се викаше Рада Шеќерова.

На кандидатите им недостасуваат изјави за прифаќање на кандидатура, кои се задолжителни и уверенија за неосудуваност, кои треба да ги извадат од основните судови, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК, извори од ДИК.

Денеска се одржува јавна седница на ДИК. Според разговорот на САКАМДАКАЖАМ.МК со некои членови на Комисијата, ова прашање за учеството на партијата со слично име на СДСМ и со носители на истите слични или идентични со тие на СДСМ, што не е првпат и се практикува во неколку изборни циклуси наназад, ќе биде отворено на денешната седница.

„Се злоупотребува волјата на гласачите. намерно се доведуваат во заблуда. Не се сите писмени, некој е со послаб вид. Ако по ждребувањето СДСМ и СДПМ се најдат една до друга на гласачкото ливче, тоа ќе биде страшно. Многу гласачи ќе бидат доведени во заблуда“, рекоа во ДИК пред почетокот на седницата.

Листите на СДПМ по денешната седница ќе бидат вратени на доработка, бидејќи се некомплетни. Рокот за корекција е 48 часа, што значи, велат соговорниците, во понеделник кандидатите-дублери и останатите напишани на листите, може да си извадат и уверенија.

Извор: sdk.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com