HomeИЗДВОЈУВАМЕШоуто и понатаму продолжува… 25 години без легендарниот Фреди Меркјури

Шоуто и понатаму продолжува… 25 години без легендарниот Фреди Меркјури

fredi-t

На вчерашен ден пред точно 25 години, десетина милиони обожаватели се разбудија со веста дека нивниот херој, човекот кој им подари толку многу, повеќе не е меѓу живите. „Ео, еееоооо, тиоо-рара-ео. Је…. се“. Само Фреди Меркјури можеше да го распее полн „Вембли“ и на крајот да навреди 80.000 луѓе и понатаму да продолжат сите да го сакаат поради тоа. Поголем од животот, но не и посилен..

Фарок Буслара бил срамежливо момче кое сонувало за големи работи. Со фотографија од својот идол Џими Хендрикс залепена на ѕидот во својата соба заминувал на спиење во текот на своите студентски денови. Фреди, како што го нарекувале пријателите, на сите им зборувал дека еден ден ќе биде познат. „Поголем од Хендрикс?“, го запрашале, а тој одговорил: „О, да. Ќе бидам „мега“.

fredi-2

И успеа во тоа. Дали е поголем од Хендрикс ќе остане засекогаш отворено прашање. Но навистина стана познат, мегапознат. И покрај тоа, Фреди Меркјури и во моментите на врвот на својата слава остана она срамежливо момче Фарок Буслара познат по својата скромност, запрашувајќи се секоја вечер пред спиење „Зошто сум толку грд?“. Со својот моќен вокал и феноменална самодоверба на сцената ширеше неверојатна енергија. Знаеше да ја добие енергијата од публиката и да ужива во нивната љубов. На сцената сите негови несигурности исчезнувале. Тој знаеше да шета по бината, како генерал по освоено поле. Тука беше крал. Тука и само тука, беше Фреди.

„Bohemian Rhapsody“, „We Are The Champions“, „The show must go on“, „I want to break free“ и уште многу други хитови му помогнаа да се стекне со светска слава.

Последните неколку години пред да почине биле навистина мачни за Фреди. Кон крајот на осумдесетите години од минатиот век му беше дијагностициран ХИВ, кој прераснал во Сида. Прекина да се појавува многу во јавноста, а таблоидите постојано сакаа да добијат изјава од него. Постепено слабееше, се чинеше како да ја губи силата и енергијата со која некогаш располагаше. Започнал да се мрази самиот себеси. Со цел да ги заштити луѓето околу себе од тортура на медиумите и јавноста, околу својата здравствена состојба ги известил само членовите на бендот и уште неколку блиски личности.

За време на снимањето на песната „Show Must Go On“ во 1990 година која била на еден начин последен подарок од страна на неговиот добар пријател и колега од бендот „Queen“ гитаристот Брајан Меј, Фреди изгледал толку слабо што Меј помислил дека тој нема да има сила да ја отпее песната. Во студиото загрижено го запрашал дали ќе може да ја отпее песната, а Фреди само му одговорил „Секако“. Се напил чашка вотка, влегол во студиото и „распалил“.

Бидејќи шоуто и понатаму продолжува..

Автор: Михаило Донев

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com