Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСавески: Бучковски наместо покана за во Шутка, доби покана за митинг на СДСМ

Савески: Бучковски наместо покана за во Шутка, доби покана за митинг на СДСМ

Членот на Президиумот на политичката партија „Левица“, Здравко Савески денеска пред Основниот суд Скопје 1, каде што требаше да се одржи ново рочиште против членот на партијата, Мариглен Демири, кој се товари за демолирање на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов во минатогодишните протести, изјави дека поранешниот премиер, Владо Бучковски наместо да добие покана за во Шутка, тој добил покана за да учествува на митинг на СДСМ.

„Гледаме дека Бучковски наместо да добие покана за во Шутка, доби покана за на митинг на СДСМ за да бара криминалците да завршат во затвор. Дојде животот на СДСМ. Мариглен е осуден за желбата за демократија во Македонија. Ќе видиме каков ќе биде епилогот, ако има реформи во судскиот процес и се примени владеењето на правото, Демири ќе биде прогласен за невин“, рече Савески.

„Додека учесниците во протестите кои беа членови и приврзаници на СДСМ се вгнездија во фотелјите на власта и додека СДСМ рехабилитира криминалци кои имаат правосилни одлуки да отслужат казна затвор, како Владо Бучковски, за својата борба за демократија и социјална правда нашите членови ги влечкаат по судови“, додаде членот на Президиумот на Левица.

Демири пак по излегување од судницата соопшти дека рочиштето е одложено затоа што обвинителството сè уште ги нема оригиналните податоци од видео-надзорот кои служат како доказ во постапката.

„Судењето е одложено поради тоа што обвинителството не може да стигне до оригиналните документи за видео-надзорот. Толку функционира државата“, рече Демири.