Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСаљији: Деновиве ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Грујовски и на Бошковски

Саљији: Деновиве ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Грујовски и на Бошковски

Министерот за правда, Билен Саљији, денеска потврди дека министерството ја добило од Кривичниот суд документацијата за екстрадиција на поранешните началници во УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски, од Грција во Македонија и дека деновиве официјално ќе биде потпишано и доставено барањето за екстрадиција до грчките власти.

Саљији денеска присуствуваше на презентацијата на извештајот за соработка со француската Национална академија за правосудство.

Кривичниот суд, во средата оваа недела соопшти дека ја комплетирал документацијата за екстрадиција на Грујовски и на Бошковски и ја доставил до Министерството за правда.

Грујовски и Бошковски беа уапсени на 18 октомври на аеродромот во Солун, додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да отпатуваат за Будимпешта. Тие во моментов се во екстрадициски притвор во Солун, а на почетокот на декември треба да се појават пред солунскиот суд во врска со лажните бугарски пасоши, постапка која беше двапати одложувана бидејќи судот не успеа да обезбеди преведувач.

Грујовски и Бошковски се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство, за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Тие три месеци беа во бегство за да го избегнат притворот што им го одреди Апелацискиот суд, а беше потвреден и од Врховниот суд.