Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСАД покрена обвинение за функционерите кои требало да земат мито од „Маѓар телеком“

САД покрена обвинение за функционерите кои требало да земат мито од „Маѓар телеком“

За тројца унгарски директори на Маѓар Телеком во судот во Њујорк минатиот понеделник било поднесено обвинение дека во 2005-та поткупувале македонски политичари, објавува специјализираниот правен магазин „Ло 360“ (”Law 360”). Обвинението го поднесува Американската комисија за хартии од вредност. Ги обвинува Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи дека со 4,9 милиони евра извршиле поткуп на тројца политичари.

– Комисијата (SEC) соопшти дека поранешните директори преку свои претставници платиле речиси 5 милиони евра на поединци во серија на лажни консултантски и маркетинг договори. Обвинетите ги пренасочиле средствата за владини претставници во замена за поволни закони за Телеком, пишува Ло 360.

Митото според сведочењето на екс-разузнавачот Слободан Богоевски завршило кај екс премиерот Владо Бучковски, тогашниот и се уште актуелен вицепремиер Муса Џафери и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Порталот НоваТВ, повикувајќи се на документи од американскиот правосудство објави дека сведочењето на Богоевски е приложено како доказ за митото во правните списи во Америка.

Тројцата осомничени директори и нивната одбрана тврдат дека има малку докази против нив односно станува збор за електронски пораки на повеќе лица но не и нивни. Од друга страна компанијата Микрософт доставила потврда дека мејловите биле избришани во кои главна содржина е како да се изведе поткупот, но можеле да се најдат во серверите на компанијата во Америка.
magar telekomСпоред одбраната на директорите која ја објавува Ло 360, американските судови немаат јурисдикција врз Унгарци и македонски политичари. За митото на македонските политичари треба да бидат позаинтересирани македонските судови, а не американските, тврделе тие пред судот во Њујорк..

Во Македонија засега нема многу развој во предметот кој го отвори Обвинителството за организиран криминал. Додека во Америка тројцата македонски политичари веќе се дел од обвиненија, кај нас обвинителството се уште не соопштува дали и како ќе им земе изјава.

Екс разузнавачот Богоевски беше повикан кај обвинителката Лиле Стефанова и се задржа 4 часа давајќи исказ. Според изворите на Телма, Богоевски не го повторувал исказот даден за американскиот суд туку посочил дека во списите во Њујорк со тоа сведочење ги има сите детали за патот на митото за македоснките политичари.

Митото според него го исплаќал Гркот Кондоминас преку кипарската фирма Чаптекс. Покрај тројцата политичари, Богоевски сведочел дека мито барал и екс директорот на УБК Мијалков за да биде повлечена потерница против грчки директор во Телеком. Подоцна скопското обвинителство се откажа од гонење на Михалис Кефалојанис кој ги исплаќал парите за македонските политичари.

извор:Телма