Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСАД ќе забранат внесување електронски уреди на летовите од десетина држави

САД ќе забранат внесување електронски уреди на летовите од десетина држави

Американските власти ќе им забранат на патниците од десетина странски земји кои патуваат со авион кон САД, да ги носат со себе електронските апарати, откриваат американските медиуми повикувајќи се на неидентификувани извори во владината администрација.

Авионските компании од определен број држави, од Блискиот Исток и од Африка, ќе мораат да побараат од патниците за САД, да ги чекираат своите лаптопови и таблети и да ги предадат заедно со багажот.

Според американските медиуми, ваквата мерка е донесена од безбедносни причини и како резултат на постоечките безбедносни закани.
Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД, меѓутоа, одби да го коментира пишувањето на медиумите, иако не го демантира она што беше откриено.

Засега не е јасно за кои земји станува збор и кои авионски компании ке мора да ја применуваат оваа мерка.

Јорданската авионска компанија „Ројал Џорданиан Ерлајнс„ на својата интернет страница, сепак, веќе го потврди постоењето на ова ново безбедносно ограничување на летовите кон САД, објаснувајќи дека ке биде забрането внесување таблети и лаптоп апарати на летовите кон и од Северна Америка.

Во информацијата на јорданската авионска компанија уште се вели дека патниците ке може со себе да ги задржат само мобилните телефони и електронската медицинска опрема ако ја имаат на себе.

Сите други електронски апарати ќе бидат строго забранети, како и дека покрај лаптоп и таблети, патниците кон САД не ке може да имаат со себе и двд плеери и електронски игри.