Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСАД ќе се посветат на Членот 5 од повелбата на НАТО, соопшти Трамп

САД ќе се посветат на Членот 5 од повелбата на НАТО, соопшти Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе се посветат на Членот 5 од повелбата на НАТО, која предвидува сојузниците воено да и помогнат на секоја членка од Алијансата во случај на надворешна агресија.

– САД ќе го почитуваат Членот 5. Секако дека сме тука да заштитиме, истакна Трамп на заедничката прес-конференција со романскиот колега Клаус Јоханис во Белата куќа.

Американските сојузници беа загрижени минатиот месец кога Трамп не ја потврди лично приврзаноста кон членот 5 за време на самитот на НАТО во Брисел.

Тој повторно ги повика останатите членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана.

– Се разбира дека ние ќе бидеме тука за да заштитиме. Тоа е една од причините поради кои сакам луѓето да се погрижат да имаме многу моќна сила, но треба да платиме колку што е потребно, нагласи американскиот претседател.

Трамп и заблагодари на Романија за намерата да ги зголеми трошоците за одбрана на ниво над два отсто од БДП и побара од останатите земји да го следат нејзиниот пример.

Романскиот претседател, исто така, додаде дека НАТО и ЕУ се неопходни за светската безбедност.