Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаРусија и Саудиска Арабија ќе го ограничат производството на нафта

Русија и Саудиска Арабија ќе го ограничат производството на нафта

Саудиска Арабија и Русија се договорија да го запрат производството на нафта на одреден временски период, во обид да се стабилизира пазарот, објави катарскиот министер за енергија. Саудискиот и рускиот министер за нафта и нивните колеги од Венецуела и Катар „постигнаа договор да се замрзне производството на јануарско ниво под услов и останатите големи производители да го следат нивниот пример“, изјави министерот Мухамед бин Салех ал-Сада.

„Целта на овој чекор е да се стабилизира берзата“, појасни Сада, кој моментно претседава со Организацијата држави-извознички на нафта (OPEC). Состанокот во Доха според неговите зборови беше успешен, а министрите ја анализирале состојбата на пазарот и изгледите за понудата и побарувачката – пренесе Макфакс.

OPEC досега не го менуваше нивото на производство и покрај ниските цени, одредувајќи ја како цел одбраната на пазарниот удел. Цените, пак, од јуни 2014 година потонаа околу 70 отсто, притиснати со слабата побарувачката и загриженоста за светската економија, како и прекумерната понуда поттикната од производството на нафта од шкрилци во САД.

Водечките држави производители во Персискиот залив почнаа да ги чувствуваат последиците од ниските цени врз своите буџети, а под притисок се најде и Русија, која е дополнително погодена од западните санкции поради улогата во судирот во Украина.