Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРСЕ: Одземањето пасоши за некои смешно, а за други не е наивна мерка

РСЕ: Одземањето пасоши за некои смешно, а за други не е наивна мерка

Одземањето на пасошите на обвинетите во предметите на СЈО не е така наивна мерка, затоа што со неа Судот практично потврдува дека постојат сериозни сомненија дека обвинетиот е сторител на кривични дела, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.

Како што јавува „Радио Слободна Европа“, судските одлуки за одземањето на пасошите на обвинетите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ не е по мерка, ниту на Специјалното јавно обвинителство, ниту на одбраната на обвинетите. И двете страни најавија жалби за одлуките до Апелациониот суд. Од Специјалното јавно обвинителство за Радио Слободна Европа потврдија дека денеска ќе поднесат дел од жалбите до повисоките судски инстанци за одбиените притвори за 18 луѓе.

Кривичниот суд досега ги одби речиси сите барања за притвор поднесени од Специјалното јавно обвинителство. Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека одземањето на пасошот не е наивна мерка, затоа што со неа Судот практично потврдува дека постојат сериозни сомненија дека обвинетиот е сторител на кривични дела и дека ќе отпочне постапка за утврдување на вината.

„Меѓутоа тоа претставува и еден психолошки притисок врз лицето кое е обвинето, кое треба сега да се сконцентрира на сопствената одбрана. Мислам дека со ова почнува еден процес на поинакво толкување на работата на СЈО, каде што веќе се оценува дека СЈО има прибрано докази со кои се потврдува сомнението за да може да оди во другата фаза, односно утврдување на вината на обвинетите“, вели Трпеновски.

Дел од аналитичарите, пак сметаат дека одземањето на пасоши за обвинети за организиран криминал, во најмала рака е смешно.

„На сите ни е јасно за што станува збор, никој не е изненаден. Претходно притворот беше и единствен, а мерките за претпазливост ги дозна јавноста дека постојат дури кога почна постапувањето на СЈО за отворените истраги и обвиненија. Комични се ситуациите, морам да признаам, затоа што за тежок облик на криминалитет одземате пасош на човек за кој сите знаеме дека има и друг пасош. Се поставува прашањето кој пасош им е одземен“, изјави вчера универзитетската професорка Гордана Бужаровска.

Од друга страна, Трпеновски објаснува дека по одземањето на патната исправа, МВР треба да ги извести сите гранични единици и во компјутерскиот систем да бидат внесени податоците за обвинетите чии патни исправи се одземени.

„При пасошка контрола, која што се води електронски, лицето независно дали патува со патната исправа која ја поседува, а не е означена во решението за одземање, не смее да биде пуштено надвор од Република Македонија. Што значи дека и поседување на повеќе патни исправи за кои не ги знае органот што ја изрекол мерката, не му дава можност легално и нормално да ја помине државната граница“, вели Трпеновски.

Тој додава дека ова само покажува една колебливост судиите, и дека досегашната силна опструкција што судот ја покажуваше кон СЈО почна малку да попушта. Трпеновски очекува дека наскоро ќе дојде време кога основен услов за одредување на мерка притвор ќе бидат доказите во обвинителниот акт.

Во меѓувреме в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев најави и нов распоред на судиите, како и ново работно тело за управување со движењето на предметите во судот кое треба да ја анализира состојбата со движењето на предметите-прилив, решавање и заостаток – и да му дава предлози на претседателот на судот во врска со тие состојби.

По обвинувањата во медиумите дека повторно се работи за контроверзен распоред, се огласија од Судот со соопштение.

„Секое поврзување на измената на распоредотза работа со поднесените обвиненија од страна на СЈО, изнесено во одредени медиуми, е израз на непознавање на текот на кривичната постапка и води кон дезинформирање на јавноста ,“ се вели во соопштението.

Претходно Судот, како неосновани, ги одби барањата на СЈО за определување притвор за поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, за поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, како и за поранешните генерални секретари на владата, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски. На сите нив ќе им бидат одземени пасошите и дипломатските пасоши и ќе имаат обврска еднаш неделно да се јавуваат во судот.

Груевски е обвинет во пет случаи, но СЈО бара притвор за него само во предметот Титаник. Во истиот предмет тимот на Јанева бараше притвор за Протуѓер, Божиновски, Јанкулоска и Јанакиески. Во споените предмети Тврдина и Таргет, СЈО бара притвор за Мијалков, додека за Канческа – Милевска беше побарано притвор во предметот Тендери. Обвинителката Јанева побара притвор и за Пешевски, за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, како и за одговорниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас, поранешниот началник на Петтата управа во УБК Горан Грујевски.